Иако беше награден за иновативност, филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи наиде на лавина критики од македонската јавност и политичкиот врв во нашата држава.
Министерството за култура го окарактеризира филмот како скандалозен и навредлив, а Бојаџи во разговор за „Фокус“ порача дека не ја знае причината за тоа.
„Не знам зошто се крена толкава бука за филмот. Се надевам дека еден ден ќе дознаам. Живо ме интересира“, ни изјави Бојаџи.
Низ медиумите се шпекулираше дека тој добил сериозни закани од припадници на УЧК, а и самиот Бојаџи ни ја потврди таа информација, но не знае точно дали се припадници на УЧК.
„Да, добив закани. Од лица кои се претставуваат како поранешни припадници. Дали се или не се не знам“, посочи тој.
Како што ни истакна режисерот, тој очекувал вакви критики, но како што рече, тие што го критикувале филмот требало прво да го гледаат.
„Се рабира дека очекував. Зошто инаку би се бавел со ова работа. Но очекував прво да го видат филмот а потоа да критикуваат. Вака, според изјавите на тие што критикуваа, не го гледале филмот а го прогласија за таков каков што го прогласија. И тоа не се било кои луѓе. Тоа е министер за култура и премиер на Влада. Нивните изјави беа дека го ќе го спречат прикажувањето на филмот! А потоа кажаа дека ќе донесат закон со кој ќе ги контролираат темите и идеите со кои уметниците во иднина ќе можат да се бават. Не знам што друго да очекувам?“, изјави Бојаџи.
Ваквите закани и остри критики нема да го заплашат Бојаџи и да влијаат врз неговата кариера.
„Никако нема да влијаат. Секој во животот си оди по патот на сопствената судбина. Тие по својот, а јас по мојот пат“, изјави режисерот.
Бојаџи порача дека не плука врз себе си и сопствениот народ за да се допадне на некој од надвор.
„Да избегнеш нешто заради страв од реакција во науката за есетитката се нарекува самоцензура. Во Македонија се снимаат филмови во форма на проекти со крајна цел да добиеш пари или за да се допаднеш некому а тоа главно се странски лоби групи. Им ја разбирам тревогата на некои луѓе. Јас не плукам врз себе си и сопствениот народ за да се допаднам некому надвор со крајна цел да станам подобен. Јас сум уметник. А во уметноста 2 плус 2 се 5. Вистинската уметност не познава калкулантство и калкуланти. Се разбира дека под тоа да е избегне некоја сцена, се мисли да не се прикаже нешто дури и против сопствените убедувања, а со цел калкулација со реакцијата на некого кој од вас има определни очекувања“, заврши Бојаџи.
Јорданчо Цветаноски