Режисерот Брејди Корбет, чиј филм „Бруталист“ ја освојува публиката и критиката, откри дека патувањето до ова амбициозно достигнување било полно со предизвици.
И покрај наградите, вклучувајќи три Златни глобуси и споредбите со култниот филм „Кум“, продукцијата на филмот се соочи со бројни пречки.
„Бруталист“ е епска драма што го следи животот на визионерскиот архитект Ласло Тот (Адриен Броди), кој го преживеа холокаустот.
Приказната започнува во 1947 година, кога Тот доаѓа во САД во потрага по нов почеток.
Иако на почетокот живеел во сиромаштија, Тот се запознава со индустријалецот Харисон Ли Ван Бурен (Гај Пирс), кој го препознава неговиот талент и го ангажира да изгради голем центар за заедницата во Филаделфија.
Додека Тот првично ја прифаќа работата со ентузијазам, тој наскоро сфаќа дека моќта и наследството имаат висока цена.
Иако денес е еден од главните претенденти за Оскар, „Бруталист“ имаше тежок пат до реализација.
Филмот првично беше најавен во 2020 година, но пандемијата на Ковид-19 го одложи снимањето и предизвика промени во актерската екипа.
Во интервју за британски медиум, Корбет откри дека пандемијата постојано ја стопирала претпродукцијата:
„Најмалку три-четири пати бевме целосно „осакатени“. Би патувал до локацијата за да почнам со подготовките, а потоа се ќе се распадне“.
Но, пандемијата не беше единствената пречка. За време на неговиот говор на Златните глобуси, Корбет призна дека му било кажано дека таков филм „би било невозможно да се дистрибуира“ и дека „никој нема да го гледа“.
Еден од проблемите беше должината на филмот.
Имено, ова достигнување трае дури 215 минути, што многумина го сметаа за предолго за пошироката публика.
Корбет рече: „Го поднесовме филмот на околу дваесет до триесет продукциски компании кои финансираат филмови во опсег од 10-15 милиони долари, но сите тие го одбија“.
И покрај ова, режисерот ги пофали продуцентите кои веруваа во проектот:
„Никогаш не се откажаа. Презедоа големи лични и финансиски ризици, па јас сум пресреќен што тие ризици се исплатија“.