Ревизорски извештај за АД ЕСМ: Пропаднале милиони евра?!

by Фокус

Во периодот од 2011 до 2020 година, АД ЕСМ и некогашно ЕЛЕМ инвестирало во проекти 21,5 милиони евра, а проектите останале незавршени и набавената опрема фаќа прашина, констатирал Државниот завод за ревизија.

Инаку, овие проекти се однесуваат на имплементирање Интегриран компјутерски систем, опрема за подобрување на телекомуникациите и вмрежување, систем за следење на движење на јаглен, изградба на брана и акумулација на ХЕ Бошков Мост, подготовка на предлог-проект за Луково Поле, изградба на деловната заграда на ЕСМ и расходи за консултантски услуги и физибилити студии за проекти што не се реализирани.

Ревизорите утврдиле дека за 10 години не е реализирана и модернизацијата на РЕК Битола 1, а  се направени трошоци од 21 милион евра.

„Најголем дел од расходите, или 55 проценти, претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци што произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39 проценти од расходите се врз основа на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6 проценти платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект“, забележува ревизорот.

Во Извештајот на Државниот завод за ревизија констатирано е дека и ИТ-системот е стар и дека „претставува висок ризик за нормално функционирање и може да доведе до отежнато работење.

Во однос на јавните набавки, наведено е дека во огласот од јавниот повик за набавка на 18.000 тони мазут за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј не е побарано добавувачот да поседува документи за докажување на способноста (економска и финансиска состојба и техничка и професионална способност).

Потоа за оглас за набавка на 15.200 тони мазут за РЕК Битола и за Осломеј, не е побарано добавувачот да поседува сертификат за квалитет на производот, посебно ако се има предвид дека набавувачот навел дека мазутот треба да биде од Грција, а во изјавата за сообразност на нафтените деривати, која е во прилог на фактурата, пишува дека е од Бугарија.

„Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, стои во извештајот на ДЗР.

Поврзани новости