Министерството за внатрешни работи не води поединечна евиденција за тоа колку пари заработува од издавање на пасоши, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, регистарски таблички и други останати обрасци, покажуваат ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија, кои се однесуваат на 2020 година.
„Надоместоците за издадени пасоши, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, регистарски таблички и останати обрасци, уплатени преку ПОС терминалите на деловната банка, се евидентирани збирно и нема податоци за кој вид услуга е извршено плаќањето, ниту кој ја платил услугата“, нотира ДЗР.
Потоа, во извештајот се наведува дека иако полицијата има Упатство во кое е уреден начинот на нарачка, прием и евидентирање на регистарски таблички при прием и издавање, сепак нема определено начин како треба да се вреднуваат залихите на материјалите.
„Во 2020 година воспоставен е начин на директна нарачка на регистарски таблички од страна на СВР, без склучување на поединечни договор-нарачки меѓу Министерството и носителот на набавката. При спроведување на постапката за јавна набавка за изработка и испорака на регистарски таблички не се обезбедува доволна конкуренција помеѓу економските оператори и не е воспоставено количинско следење на набавките“, велат од таму.
Исто така, ревизорите изразуваат резерва дека постапката за склучување на договорите за закуп на градежните објекти не е спроведена од страна на комисија за располагање со недвижни и движни ствари а за тоа не била известена ниту Владата.