„Ревизорите недоволно ја познаваат суштината на категоријата `Други корисници` во финансирањето на културата“

by Fokus

Ревизорите недоволно ја познаваат суштината на категоријата „Други корисници“ во финансирањето на културата – се влече заклучок од соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР), велат од Министерството за култура.

Ваквата реакција е на лица добро упатени во постапките за финансирање на националните установи и на проектите опфатени со годишните програми за поддршка на огромен број установи, правни и физички лица кои ги исполнуваат критериумите за да аплицираат за буџетските средства на Министерството за култура.

Од Култура, поточно извори од ова министерство за насловот на соопштението „318 милиони денари исплатени за културни проекти без јасно дефинирани критериуми“ велат јавноста може да стекне погрешна претстава.

Појаснуваат дека тие средства, 318 милиони денари, се распределени на проекти на стручни организации од областа на културата, на граѓански организации со долгогодишно искуство во реализација на културни проекти со докажани успеси на тој план, на индивидуалци и на други опфатени во оваа категорија.

Во соопштението на ДЗР и графички се наредени сите категории на „други корисници“ и наведени бројот на проекти и висината на средствата што се доделени.

Квалификацијата „проекти без јасно дефинирани критериуми“ не соодветствува со реалноста затоа што сите конкурси за финансирање, оние за националните установи и оние за другите корисници, се објавуваат со критериуми и услови за апликација врз основа на постоечката законска регулатива и врз основа на годишната програма за финансирање на проекти која поминува и во Министерството и на седниците на Влада каде што се одобруваат, велат изворите кои од разбирливи причини сакаат да останат анонимни.

За да бидат уште потранспарентни и поедноставни за аплицирање, во претходниот период се објавуваа одделни конкурси за сите категории, со специфицирани критериуми и услови. Целата постапка за пријавување одеше електронски преку системот uslugi.gov.mk. Целата документација потоа пристигнуваше директно до комисиите кои ги прегледуваа, го утврдуваа исполнувањето на условите и критериумите и одлучуваа без најмало учество на службениците во Министерството и без да има простор за влијание на министерот.

Поврзани новости