Државата нема систем за управување со јавните инвестиции, а проектите кои се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта не се ставени во трошоците од буџетот. Ова го утврдиле ревизорите во последната ревизија на тема “Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.
Ревизорите утврдиле дека „Бехтел и Енка“ не го градат автопатскиот коридор 8 и 10д според планираната динамика, а проценетата вредност на инвестицијата не може да се потврди бидејќи се реализира без основен проект и според посебен закон со кој не се предвидува тендерска постапка. Според ревизорите, заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоците се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.
Ревизорите наведуваат дека не можеле да ја потврдат вредноста на изградбата на Коридорите 8 и 10д кои се долги 108 километри, а се проценува дека ќе чинат 1,319 милијарди евра. Проблем за ревизијата бил посебниот закон кој за овој проект не предвидува спроведување на јавна набавка, а согласно начинот на градба не е однапред подготвена техничка спецификација на ниво на основен проект, како и поради специфична метода на брза градба која досега не била применета, со ревизијата не може да се потврди утврдената вредност за овој проект.
„Со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д се ревизијата се утврди дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани-Кичево. Индикативната (прикажаната) вредност на оваа градба според cost benefit анализата/физибилити студијата изработена од Градежниот факултет од декември 2022 година, изнесува 1,275 милиони евра. Цената на проценетата вредност во договорот е во рамките на cost benefit анализата“, се констатира во извештајот.
Според ревизорите, проблематична е и изградбата на автопат Кичево – Охрид кој се гради 10 години. Вредноста на договорот за градба со последниот анекс, трет по ред, е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра. Досега за овој проект се потрошени 466,4 милиони евра, а рокот за завршување на автопатот е изминат на 31.12.2023 година.
Ревизорите утврдиле дека втората делница од автопат од Скопје до граница со Косово не е започнат, истиот се планира повеќе години, а проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра за 10,5 километри автопат.
Ревизорите утврдиле и неправилности во планираните инвестиции во здравството.
„Проектите од областа на здравството, изградба на Клинички центар Скопје, и изградба на Регионална болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба. Поради раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Скопје и откажување на проектот во текот на 2022 и 2023 година започната е арбитража со побарувања во износ од 23,5 милиони евра од конзорциумот на изведувачите, а поради раскинување на договорот за изградба на Регионална болница во Штип, проект од големо значење на граѓаните во јануари 2024 година започната е арбитража од изведувачот со побарувања во износ од 22 милиони евра“, се наведува во извештајот.
Како главен проблем во состојбата со капиталните инвестиции ревизорите навеле дека е тоа што државава нема изграден систем за управување со јавни инвестиции, но и не презема навреме мерки што пак придонесува за бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните.
Со ревизијата е констатирано дека прикажаните капитални расходи во Буџетот не се целосни и не даваат јасен и објективен приказ за износот на јавните инвестиции.
„Во Буџетот не се прикажани јавни инвестиции од ЈП за државни патишта коешто не е во согласност со најновите методологии за владина статистика и има за ефект нецелосно прикажување на капиталните инвестиции во Буџетот“ се наведува во извештајот.
Не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.
„Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3,950 милијарди евра, за 19 проекти склучени се договори за градба со вредност од 2,744 милијарди евра, а за 5 проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години сè уште нема склучено договори за градба.
За 19 проекти во вкупна вредност од 2,744 милијарди евра, реализирани се 941,8 милиони евра, а од нив само еден проект од ревидираните е завршен.
Од 19 проекти за кои се склучени договори, за 6 има застој. За 4 проекти раскинати се договорите, од кои за 3 има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за 2 проекта постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не се склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, се наведува во извештајот.
Орце Костов