По сослушувањето на само еден сведок денеска во кривичнот суд Скопје се прекина најновото рочиште за предмотот на СЈО „Насилство во Центар“, и продолжението е закажано за 17 септември.
На денешното рочиште беше сослушан само сведокот Никола Ѓеорѓиевски советник на Нова Алтернатива во општина Центар.
Обвинети во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
Тие се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
По завршувањето на денешното рочиште, адвокатот Боро Тасевски, кој вчера беше парично казнет за неприсуство на судењето на ексминистерката Гордана Јанкуловска во издвоениот предмет „Тенк“, се обиде да ја објасни ситуацијата во која се наоѓаат поголем дел од бранителите на обвинетите во предетите на СЈО.
-Барањето за поголема динамика на предметите што ги води Специјалното јавно обвинителство од страна на специјалната обвинителка Катица Јанева е насочено кон кршење на основните права на обвинетите и на бранителите во постапките што ги води ова Јавно обвинителство, истакна Тасевски, кој денеска, заедно со обвинетиот Груевски, мораа да се појават на две рочишта. Тоа, според него, е невозможна работа.
Денешниот ден е очигледен пример за тоа.
-Никола Груевски мораше да присуствува на рочиштето за предметот т.н. „Општина Центар“, а во исто време беше закажана и јавна седница пред Апелацискиот суд по неговата жалба во предметот „Тенк“. Груевски избра да присуствува на судењето за „Насилство во Центар“, а ние како бранители од страв можеме да бидеме казнети доколку предизвикаме одлагање на вакво рочиште поучени од примерот од претходниот ден кога не беше прифатено одлагање на рочишта поради преклопување на термини и имаше казнување на бранители, истакна Тасевски.
Според него, ова е прекршување на правата на обвинетите и бранителите да формираат сериозна и ефективна одбрана во овие предмети, нагласувајќи дека не може одбраната да се изнесува во трчање, туку дека е потребна подготовка за рочиштата.
Одговарајќи на прашање дали обвинетите намерно ангажираат едни исти адвокати со цел да се одолжуваат и одложуваат рочиштата, Тасевски рече дека нема таква намера и дека досега такво нешто не се случувало, туку тоа се случува сега откако почнува да се преклопуваат предметите.
– Досега ваква ситуација, со преклопување на термини на бранителите, немаше или, пак, доколку имаше – беа инцидентни, што лесно се решаваа, истакна Тасевски и додаде дека голем број адвокати се ангажирани во овие предмети.