Косовската влада донесе одлука за воведување итни мерки за ограничување на струјата во период од најмногу 60 дена.
Оваа одлука следува откако по 10 години, во Косово од завчера се воведоа рестрикции во снабдувањето со електрична енергија.
Станува збор за плански рестрикции во траење од по два часа во два наврати во текот на едно деноноќие.
Косовскиот оператор на дистрибутивниот систем KEDS спроведува рестрикции, поради растот на потрошувачката, ниското ниво на домашно производство, високите цени на увозот и проблемите кои оваа нерамнотежа ги предизвикува во преносната мрежа.
Двете тамошни електрани на јаглен во последно време имале дефекти, што дополнително придонело за тешката ситуација.
Предвидено е воведување ограничувања во снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија и наметнување специјални обврски на енергетските претпријатија.
Конечниот збор за енергетската вонредна ситуација ќе го даде косовското собрание кое може да донесе одлука и за дополнително продолжување на овој период за уште 30 дена.
Косовскиот премиер Албин Курти порача денес дека Косово не можело порано да купи струја и да ја избегне енергетската криза бидејќи струјата, како што кажа, не е роба која може да се чува во фрижидер.
Жители на приштинската населба Ветерник излегоа на протест во косовскиот главен град, најавувајќи дека ќе блокираат и магистрален пат поради тоа што биле оставени без струја и греење во домовите.