Министерството за надворешни работи иницира нови законски измени со кои црната листа на САД, но и онаа на Обединетото кралство ќе бидат основа за воведување на санкции на лица во земјава. Ова следи по проширувањето на црната листа на САД минатата година, со имиња на бизнисмени и функционери од земјава.
Целта е како што објасни министерот за надворешни работи, Бујар Османи, да се намалува корупцијата во државата. Преку законските измени ќе се овозможи функционерите за кои Обвинителството ќе покрене обвинение да ја загубат функцијата се додека судот не донесе пресуда. Ако се работи за фирма ќе и се забрани учество на тендери.
„Со овие измени на Законот предлагаме како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата да се додадат и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, што значи покрај оние на Советот за безбедност, Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки“, рече Османи.