Рестораните од денеска ќе работат до 18 часот, забранети се прослави, собири и групирања

by Fokus

Од денеска почнува примената на рестриктивните мерки што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на коронавирусот. Со мерките кои ќе бидат во сила до 20 јануари, работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници. Овие мерки, според надлежните, имаат за цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид – 19 во престојниот период на празници.

Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова Година на отворен и затворен простор од физички и правни субјекти. Ова се однесува и на јавните институции, поради што на општините и на сите организации основани од локалната самоуправа им се укажува дека освен што е забрането секакво групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, треба да се откажат и прославите што се веќе евентуално закажани.

Во рестриктивните мерки е вклучена и забраната за хотелите за организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници. И тие, ако веќе имаат организирано новогодишни прослави, треба да ги откажат.

Во угостителско-сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели) и нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот. Тие ќе може да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците. Се ограничува работното време и во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти до 18 часот.

Со новите мерки се забранува и изнајмувањето викендици и други туристички капацитети за сместување, за групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за лица од едно, исто семејство.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека МВР превентивно реагира уште сега до сопстевниците на викендици што планираат да ги издаваат за претстојните празници, за да знаат што може да ги очекува таму каде што тоа ќе се случува. Веќе, рече тој, се изготвени сите планови за засилени контроли.

-Тоа ќе го направиме веќе од нареднава недела и во текот на новогодишната ноќ, така што за полицијата ќе има многу работа, меѓутоа здравјето и животот на граѓаните мора да ни биде врвен приоритет. Полицијата ќе постапува врз основа на сите дозволени норми и правила коишто се врз основа на Законот, истакна вчера Спасовски.

Рестриктивните мерки, посочи министерот никој не ги посакува во Владата, се непопуларни, меѓутоа, како што потенцира, се неизбежни во овој период.

Надлежните апелираат сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита кои се веќе на сила и оние кои почнуваат да се применуваат денеска. Со ова, нагласуваат, ќе спречиме ширење на коронавирусот, го штитиме соственото здравје и здравјето на најблиските, но исто така придонесуваме да има помал наплив на пациенти во здравствените установи.

 

Поврзани новости