Ресторан од Кавадарци ќе го донира профитот од викендот за лекување на дете од градот

by fokus

Кавадарчани можеби се познати како темпераментен и гласен народ, но кога е солидарноста во прашање, секогаш покажувале голема сплотеност на дело.

Деновиве во градот е започната акција за собирање на средства за лекување во Турција на малиот Ико Каров, а граѓаните се трудат да изнајдат начини како да се собере потребната сума од околу 30.000 евра.

Со цел да придонесат во обезбедување на неопходните финансиски средства, од пица-ресторанот Рамазоти решиле за време на овој викенд, односно од петок и сабота, целиот профит да го донираат за лекувањето на малото момче.

-Почитувани гости, ве покануваме да бидете дел од хуманитарните денови посветени за нашиот мал Ико Каров. Да се здружиме како заедница да му помогнеме заедно на Ико Каров кој се бори со здравствен предизвик, заедно со неговото семејство и да застанеме покрај нив во ова тешко време.

Одлучивме целиот профит собран од петок и сабота да биде посветен за лекувањето на нашиот Ико.
Дојдете, посетете не, заедно да му овозможиме светла иднина на Ико исполнета со надеж, поддршка и љубов.

Ајде да се собереме и да му покажеме на Ико и неговите родители дека не се сами во оваа борба. Вашата љубезност и великодушност многу ќе му помогнат на нашиот храбар малечок пријател во неговото патување кон закрепнување- информираат од ресторанот.

Инаку, апелот за помош на момчето од Кавадарци кое има три години масовно се споделува на социјалните мрежи.
Потребно му е пресадување на матични клетки во болницата Лив Хоспитал во Турција, бидејќи поради неговата дијагноза – Церебрална парализа се уште не можел самостојно да седи, ползи и оди, иако постојано со него работеле физијатри, дефектолози и логопеди.

Сумата е потребна за лекување, но и за рехабилитација.

Сите кои сакаат да донираат, можат да го сторат тоа на телефонскиот број за донации на Телеком – 143 114, или пак на денарска сметка, Ико Каров, 300 0471194165 93, Комерцијална банка, и девизна сметка, Ико Каров, 0230706820588, Комерцијална банка, IBAN: MK07300307068205818, Acc no:0230706820588, BIC/SWIFT CODE:KOBSMK2X

Вики Клинчарова

Поврзани новости