Решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во Службен весник во најбрз можен рок, со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување.
Во однос на новата одлука, решенијата за изолација да се објавуваат на веб-страницата на ДСЗИ, ќе се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на КОВИД-19 .
– За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните, информираа вчера од Влада.
Проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика е назначен за претседател на Комисијата за заразни болести, а д-р Злате Мехмедовиќ за нејзин портпарол. На првиот состанок отвориле многу прашања, меѓу кои и скринингот на учениците во средните и основните училишта, што се размислува да се прави со брзи тестови.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 270.897. Оздравени се 247.670 лица, а починале 8.444. Бројот на активни случаи изнесува 14.783.