Решенијата во Францускиот предлог може да бидат „тројански коњ“ за егзистенцијата на Македонија?

by fokus

Додека траат полемиките дали Македонија вчера во Брисел ги започна пристапните преговори или сето тоа беше само фарса, поразговаравме со директорот на МЦМС, Александар Кржаловски за тоа дали преговорите се реално започнати и кои се замките на ваквата Преговарачка рамка.

Тој вели дека после шокот што го доживеавме со првичниот Француски предлог за надминување на ветото од Бугарија, во кој беа вградени сите барања на таа земја, очигледно Француското претседателство направи неколку интервенции во стилот „ни риба ни девојка“, за да ги задоволи потребите за различни толкувања на исти работи.

И за жал, само мал дел од нив (или само една) – таа за јазикот, се однесуваше на различни толкувања меѓу Македонија и Бугарија. Според нашите власти – дека јазикот е чист, спасен и (трет или четврт пат) “бетониран“, а во Бугарија се согласија дека ЕУ ќе го именува јазикот како македонски, но издејствуваа еднострана декларација со која изјавуваат дека не го признаваат, што самото по себе е најава дека и натаму ќе се проблематизира и во одреден момент во иднина може да доведе до ново вето (т.е. да “пукне бетонот“). Велам за жал, бидејќи повеќето „компромиси“ внесоа ново семе на раздор внатре во Македонија, вели Кржаловски.

Во однос на тоа дали преговорите се започнати, Кржаловски објаснува дека еден од компромисите е и тоа дали вчера (19 јули) започнаа преговорите или не.

Тој констатира дека според власта, но и според присутните ЕУ официјални лица, јасно е дека започнале со Првата меѓувладина конференција.

Од вчерашната прва меѓувладина конференција

Според опозицијата и многу други познавачи на пристапните преговори, тоа што за Македонија ќе има и втора ваква конференција (ако ја има), на која ќе се “затвори“ почетокот на преговорите, со јасен услов за промена на Уставот (а за кој сега го нема потребното мнозинство), а за Албанија на пример (а ни за ниедна друга земја кандидат досега) – немало, е јасно дека реални преговори нема да има, нотира директорот на МЦМС.

Кржаловски смета дека и на крајот и не е толку битно дали реално почнале или не… резултатот е нова жестока поделба на граѓаните (особено меѓу етничките Македонци), продлабочување на интерните конфронтации за се и сешто (и поврзано со овој процес и пошироко), детално дебатирање и расправање за работи кои веројатно нема ни да сме ги забележале да оделе како што треба, мазно (пр. детали од нашата унилатерална декларација за јазикот… од печатните и граматички грешки во неа, до толкувања за дијалектите и историскиот континуитет). 

Некои би рекле дека целта на ветото од Бугарија (и претходно од Грција) е токму тоа – со одолговлекувањето на ЕУ интеграцијата, да се предизвикаат внатрешни судири и со тек на времето, да се доведе во прашање егзистенцијата на Македонија како посебна, независна држава. Токму во тоа лежат и стравовите на граѓаните од решенијата во Францускиот предлог, кои сега со нивното прифаќање, може да имаат дејство на „тројански коњ“ во нашето општество. И тука веројатно промената на Уставот е најмал проблем (бидејќи суштински, дури ни опозицијата нема против и други малцинства да се додадат во преамбулата), вели Кржаловски.

Тој додава дека обврските до Втората меѓувладина конференција, наведени во деловите за Говор на омраза, Рехабилитација на жртвите на репресии, Темата за историјата… може да отворат нови поделби, па и „ломови“ во општеството, а зависно од проценката на Бугарија дали решенијата ќе се „задоволувачки“ може на подолг рок (или теоретски – засекогаш) да ги одложи преговорите, т.е. отворањето на кластерите и поглавјата.

И во тоа е замката, дека како и до сега – да се доведуваме до апсурдности, или да се откажеме од амбицијата за членство во ЕУ, или и на следните епизоди да се наоѓаат доволно „амбициозни“ политичари, кои ќе прифаќаат нови и нови отстапки, додека не се стигне до момент да нема што веќе да се „попушти“ или до интерен конфликт, заклучува Кржановски.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости