Решен е статусот на војниците, кои со 45 години старост требаше да одат во пензија. Од денеска 97 војници ќе бидат распоредени да се грижат за безбедноста во затворите низ државава.
За новата работа, војниците нема да одат на дополнителна преквалификација, бидејќи се веќе обучени.
Драган Николиќ, државниот секретар во Министерството за одбрана, вели дека изминатиов период во консултација со повеќе надлежни институции, со синдикатите во одбраната се изнајде оптимално решение кое засега стотици професионални војници на кои им завршува службата во нашата Армија.
„Со решавањето на овој проблем за овие стотина професионални војници, покажуваме и дека целосно сме посветени на човечките капацитети и на нивната мотивација, интерес и желба да продолжат да го даваат својот максимум, во служба на државата. Тие се обучени за оваа работа и ќе можат да го практикуваат своето знаење, се што во нив вложила Армијата и државата, и на новото работно место. Со овој проект им обезбедуваме на професионалните војници, решавање на егзистенцијалното прашање, најважното прашање, до исполнување на условите за пензија. На истиот тој начин, продолжуваме посветено и одговорно да работиме за секој припадник кој ќе го исполни условот и ќе влезе во државна служба, вели Николиќ.
Директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ рече дека на негово огромно задоволство Казнено поправните установи се стекнуваат со квалификуван кадар, спремен и подготвен да ги извршува задачите на новите работни места.