Ресенскиот градоначалник Гошаревски открива зошто го викаат доктор Живаго

by fokus

Ресенскиот градоначалник Живко Гошаревски, помеѓу своите сограѓани е познат како доктор Живаго, лик од истоимениот роман на рускиот писател Борис Патсернак, според кој во минатото се сними и филм, кој беше доста популарен и кај нас. Околу тоа како градоначалникот, кој е стоматолог по професија, го добил интересниот прекар, според протагонистот Јуриј Живаго, лекар растргнат помеѓу две жени, Гошравески за ,,Фокус” раскажува дека работите се поклопиле сосема случајно, освен според белиот мантил, и според почетните букви на неговото име и презиме.

-Прекарот си дојде спонтано. Уште пред околу 17 години, кога ја отворив ординацијата, без двоумење и го дадов името ПЗУ Д-р Живаго. Пред се, поради иницијалите, ЖИВко ГОшаревски, но и истоимениот филм ми остави огромен впечаток. Актерот Омар Шарив беше брилијантен во улогата на докторот, а одличната филмска музика стана класика. Како одминуваше времето, луѓето според ординацијата и мене започнаа да ме викаат доктор Живаго, а она што е интересно, многумина сега веќе мислат дека тоа е моето правилно име, а не прекар – раскажува градоначалникот.

Додава дека ликот на главниот протагонист во класичното дело го воодушевил, но во делот каде се зборува за неговата растргнатост помеѓу две жени, не се пронаоѓа, бидејќи е среќно оженет и татко е на четири деца.

-За разлика од приватниот живот на Јуриј Живаго, мојот е идиличен, во брак исполнет со љубов сум со сопругата Билјана, која работи како физиотерапевт во Заводот за рехабилитација во Отешево, родители сме на четири прекрасни деца, Ангела, Михаил и близнаците Благој и Андреј. Прекарот доктор Живаго си го прифатив, стана дел од мене, го прифатија и моите блиски – вели Гошаревски.

 

Од 2013 до 2017 година тој беше советник во Советот на Општина Ресен од редовите на СДСМ. По победата на локалните избори во 2017 година го започна својот градоначалнички мандат. Во општината, која до неодамна немаше ниту еден регистриран случај на Ковид-19, за да потоа бројките нагло пораснат до 146 случаи, денес активни се 11. Градоначалникот вели дека е горд на своите сограѓани, кои со дисциплина и голема свест успеале среде туристичката сезона нагло да го намалат бројот на инфицираните. Се лоцираа кластери, привремено се затворија фабрики каде започна да се шири вирусот, се запазувале мерки, и сега Ресен се вбројува во општините со најмал број на активни случаи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости