Ресен е завиен во црно, Илчо почина од корона, не дочека заедно да ја отвориме салата, вели градоначалникот Гошаревски

by Fokus

Веста дека претседателот на РК Преспа, 40-годишниот Илија Котевски ја изгуби битката со корона вирусот одекна во Ресен.

Младиот човек, спортист, вработен како келнер во локален објект, сопруг и татко на две малолетни деца, беше помеѓу првите регистрирани случаи на Ковид-19 во општината, пред околу две недели.

Негови сограѓани, колеги, спортисти и пријатели се простуваат на социјалните мрежи, во неверување, бидејќи се надевале како младиот човек кој го посветил животот на спортот, сепак ќе се изборел со болеста.

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски за ,,Фокус” со растреперен глас раскажува за големата загуба.

-Ресен е вечерва завиен во црно! Веста сите не потресе, нашиот Илчо беше народен човек кој направи многу за општината, за младите, за спортот… Тука беше секогаш да помогне, имавме одлична соработка. Им беше посветен на децата, на младите спортски таленти, знаеше како да ги мотивира, се вложуваше максимално. Ја иницираше идејата да се обнови спортската сала, неговиот предлог веднаш без двоумење го прифатив. Добивме помош и од Агенција за млади и спорт, се радувавме на денот кога свечено ќе ја отвориме салата… Судбината сакала тој да не го дочека тој ден, без него ќе ги отвориме вратите на објектот во кој тој веруваше, се надеваше дека децата и младите ќе имаат моменти за паметење во салата, дека таму ќе го градат својот спортски дух… Тешко е ова за сите. Изразувам длабоко сочувство до неговата сопруга, децата, роднините – вели градоначалникот.


Додава дека во чест на Илчо, кога ќе се смири состојбата со вирусот, планира да организира турнир во ракомет кој ќе го носи неговото име и ќе стане традиционален.

-Тоа е најмалку што можеме да направиме, да го сочуваме споменот за него. Истовремено, и да остане како потсетник за ова лошо време низ кое минува Ресен. Корона вирусот се прошири низ општината, мораме да бидеме сплотени, да ги почитуваме мерките, од секој еден зависи како ќе се избориме со ова зло. Нашите мисли вечерва се со семејството на Илчо, кој вечно ќе остане запаметен по добро – изјави Гошаревски. Тој додава дека се надева како состојбата со вирусот постепено ќе се смирува, бидејќи новите случаи биле регистрирани кај лица блиски на веќе инфицираните, кои биле ставени во изолација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости