Низ поголемите градови во Грција и денеска се организираат протести на граѓани по трагедијата во близина на Лариса на 28-ми февруари кога во судар на патнички и товарен воз загинаа 57 лица. Демонстрантите бараат да не се дозволи заташкување на трагедијата, одговорните да се изведат пред лицето на правдата и да се преземат мерки ова никогаш да не се повтори.
Вработените во железницата со години наназад апелираат до Владата и до раководството на железницата дека се соочуваат со недостаток на кадар, пишува Ал Џезира. Одговор никогаш не добиле.
Управувањето на железницата главно зависи од вработените. Автоматските системи за следење на возовите не работеле во моментот. Вработените во железницата велат дека да биде вклучени овие системи, несреќата би била избегната.
Грчката Влада најави дека семејствата на настраданите ќе добијат просечна трикратна грчка пензија, а ќе им бидат простени и долговите за данок и обврски кон банките.
Граѓаните на железничките станици ширум земјата оставаат транспаренти, цвеќиња и свеќи. На транспарентите пишува „Ова не е несреќа, ова е злосторство“.
Foto: AP Photo/Yorgos Karahalis/Yorgos Karahalis