Американскиот Сенат одржа конститутивна седница на која положија заклетва сите сенатори кои беа избрани или реизбрани на конгресните избори во ноември, а лидерот на опозициското републиканско малцинство Мич Меконел (80) стана лидер на партија со најдолг мандат во историјата на горниот дом на Конгресот на САД, пренесува Си-Ен-Ен.
Во новиот состав на Сенатот, Демократската партија го задржа мнозинството, зголемувајќи го за едно место, а сега соодносот на демократски и републикански сенатори е 51:49.
Лидерот на владејачките демократи во Сенатот, Чак Шумер, на седницата изјави дека „на денешен ден започнува 118. седница на Конгресот” и додаде дека тоа е „почеток на ново поглавје”.
– Ова демократско мнозинство во Сенатот влегува во новата година со посилна позиција отколку што некој очекуваше. Има многу предизвици пред нас, но ова мнозинство е подготвено да се справи со нив, рече Шумер.
Во долниот дом на Конгресот, Претставничкиот дом, демократите го загубија мнозинството. Сега го има Републиканската партија, но таа не успеа да избере свој лидер во Претставничкиот дом ниту по третиот обид – што е прв таков случај во последните 100 години.
Во Сенатот, Чак Шумер од државата Њујорк го прослави тоа што стана сенатор со најдолг стаж и му честиташе на лидерот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел што е лидер на партија со најдолг стаж во историјата на Сенатот.
Меконел го престигна претходниот рекордер, сенаторот од редовите на Демократите Мајк Менсфилд од Монтана, кој служеше од 1961 до 1977 година.
– Најголемата чест во мојата кариера е да ја претставувам заедницата на Кентаки во овој Дом и да се борам за моите сограѓани од Кентаки, рече Меконел од говорницата на почетокот на неговиот деветти мандат, додавајќи: „Меѓутоа, мојата втора најголема чест е да ја добијам довербата од моите колеги, републиканските сенатори, да ја водам оваа наша разновидна конференција и да помогнат да ги постигнат своите цели”