Републичката обвинителка Анита Топалова – Исајловска бара од Врховниот суд да „падне“ случајот „Талир“, односно врховните судии да го укинат решението со кое се одобрува обвинението за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ на иницијатива на еден од обвинетите во случајот.
Ова е одговорот на Јавното обвинителство за „Фокус“ откако БИРН го објави барањето на републичката обвинителка.
Според одговорот што го добивме оттаму, иницијативата за подигнување на барање за заштита на законитоста била поднесена до Јавното обвинителство од еден од обвинетите во случајот „Талир“, a републичката обвинителка го прифатила. Поднесено било во април оваа година.
-Барањето за заштита на законитоста е вонреден правен лек кој се поведува на иницијатива на странките и по службена должност. Иницијативата за подигнување на барање за заштита на законитоста од еден од обвинетите во конкретниот предмет е поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на 16.04.2024 година. Предметот беше распореден кај надлежен јавен обвинител кој постапуваше, ги прибави и изврши увид во сите списи од Основниот кривичен суд Скопје – Одделение за организиран криминал и корупција. Врз основа на целокупната документација и текот на постапката, надлежниот јавен обвинител на 28.06.2024 година поднесе барање за заштита на законитоста, а одлуката за основаноста на ваквото барање ќе ја цени Врховниот суд, велат од Јавното обвинителство за „Фокус“.
Како што објави БИРН, обвинителката во барањето го спори тоа што СЈО е овластен тужител, бидејќи обвинението за „Талир“ било поднесено во ноември 2018 година, а рокот што тимот на Катица Јанева го имаше за поднесување обвиненија од 18 месеци, истекол на 30 јуни 2017 година.
Обвинителката се повикала на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој, СЈО можеше да подигне „обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци“.
Според медиумските архиви, обвинителката е сопруга на поранешен заменик министер за надворешни работи избран во 2016 година., Илија Исајловски. Ја земенил Драгана Кипријановска, за која тогашниот премиер Емил Димитриев побарал разрешување со образложение дека се однесува проопозициски. Таа била член на Демократскиот сојуз, партија која тогаш ја имала напуштено коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Според биографијата на Исајловски, тој е дипломат од кариера со богато искуство во меѓународни организации и разивање на дипломатски односи. Во Министерството за надворешни работи е вработен во 1996 година и поминал низ сите професионални скалила. Извесен период работел и во одделението за политички билатерални односи со државите од Западна и Централна Европа, како и амбасадор на Македонија во Украина, Руската Федерација и амбасадор во Народна Република Кина, од каде ги покрива и ДНР Кореа, Виетнам, Кралството Тајланд и Монголија.
Исајловска пак за првпат е избрана за обвинителка во 2009 година, во 2013 влегува во Вишото обвинителство за три години подоцна да биде унапредена во републичка обвинителка и заменичка на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
Всушност таа за нецели седум години, додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт од основен јавен обвинител стигнала до републичкото обвинителство, а отфрлила и кривична пријава против поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.
Случајот „Талир“ се суди повеќе години, а сега треба по петти пат да почне од почеток откако судијата којшто го водеше случајот, Осман Шабани, беше избран за судија во Апелациониот суд.
Иако Судскиот совет на итна седница тогаш расправаше за времено упатување на Шабани во Кривичниот суд, за го досуди предметот „Талир“, сепак мнозинството на највисокото судско тело, одлучија Шабани да оди во повискиот суд и клучните предмети да почнат од почеток.
Обвинението за незаконско финансирање покрај самата партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот поранешен лидер, Никола Груевски ги опфаќа и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.
Груевски се товари дека во периодот од 2009 до 2015 година обезбедил пари за партијата од анонимни и незаконски извори. Нему, според СЈО, му помогнале Кирил Божиновски и поранешниот министер Миле Јанакиески кои вршеле притисок врз фирмите што добивале тендери за да обезбедат готовина за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
На ваков начин партијата добила најмалку 4,6 милиони евра.
Обвинителството тврди дека Илија Димовски, Миле Јанакиески, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска како потписници на партиските сметки ги пуштиле овие пари во оптек, иако знаеле дека се стекнати нелегално. Осудена е само Елизабета Чингаровска, која пред да почне судењето се спогоди со обвинителството и доби условна казна.
Со измените на Кривичниот законик обвинителството предложи, а судијата констатираше застарување на делото „злоупотреба на службената положба“ за поранешниот министер, Миле Јанакиески.
Сепак на Јанакиески ќе му се суди за „перење пари“ дело кое не го опфатија измените на Кривичниот законик. И другите обвинети одговараат за перење пари. Илија Димовски и адвокатот на ВМРО ДПМНЕ бараа судот да утврди дека и ним им застарува гонењето. За обвинителката, Ленче Ристовска ова е неосновано. Според неа за Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и Леко Ристовски перењето пари застарува на последниот ден од 2035, а за партијата ВМРО ДПМНЕ на крајот од 2026.
Судењето за Талир почна во март 2020 година, а на Груевски му се суди во отсуство.
Ф.Ф.С.