Репортери без граници: Власта и опозиција создадоа паралелни медиумски системи

by fokus

Македонија е на 57-мо место на листата од 180 земји според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година, што е скок од 33 позиции во однос на лани кога беше рангирана на 90. место.

Во Извештајот за државава се наведува дека иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

– Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои објавуваат плагијат и прават копи-пејст на таквата содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост, стои во Извештајот во однос на медиумскиот пејзаж.

Во однос на политичкиот контекст се наведува дека „целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените“.

– Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, стои во Извештајот.

Во однос на правната рамка се наведува дека додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата заостанува во однос на усогласувањето на законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи.

– Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми. Етичката рамка е составена од Кодекс на однесување и медиумски саморегулатор што и двете поттикнуваат добри новинарски практики, иако имплементацијата е слаба, стои во Извештајот.

За економскиот контекст се вели дека „иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Постои влијание меѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“.

Во однос на социокулурниот концепт се наведува дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани.

– Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на полови, етнички или верски критериуми, стои во Извештајот.

Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, новинарите се често мета на вербални напади.

– Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Се подготвуваат амандмани за подобра заштита на новинарите, се наведува во Извештајот на Репортери без граници за Северна Македонија во однос на Индексот на слобда на медиумите.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година и секогаш на 3 мај. Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

Светскиот ден на слободата на медиумите е вопоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година. Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.

На 3 Мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и/или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.

Поврзани новости