(РЕПОРТАЖА) Отсечени и заборавени: Крушје, велешко село без кучиња

by Fokus

Миграцијата од село во град во Македонија е болна точка низ годините, а сведоци сме како убави и тивки села се пустошат, а нивните довчерашни мештани заминале во бучните и раздвижени градови со надеж за подобар живот.

Во публикацијата на државниот завод за статистика, „Миграции“ (2013-2017), стои дека во државава на годишно ниво имаме нешто повеќе од 8.000 внатрешни миграции, кои подразбираат меѓуопштински, во исти општини, од села во градовите и обратно.

Едно од многуте села кое ги трпи ваквите последици е и велешко Крушје, на 37 километри од главниот град Скопје и на 13 километри оддалечено од Велес. Тоа е турско село кое се наоѓа во сливното подрачје на реката Отовица, обиколено со густа шума на западните падини на Градиштанска Планина.

Крушје е ридско село на надморска височина од 300 метри, а најблиско населено место до него од скопска страна е Градманци со 66 жители според пописот од 2002 година. Додека пак од велешка страна, соседни села му се Џидимирци и Иванковци, кои покажуваат знаци на живот.

Во Крушје се стигнува преку Катлановска бања и патот продолжува кон Градманци, а на места е макадам и асфалтен пат. На влезот на селото, чиј атар изнесува 11.3 километри квадратни, ќе ве пречека обрасната трева и метален знак „Крушје“ – десно.

Невообичаен мир е присутен во ова село, во кое ги нема ни своите кучиња да дадат до знаење дека таа територија е нивна. Останати се неколку куќи, во кои очигледно одамна не зачекорил човек и дел од нив, стари по стотици лета, почнале да се распаѓаат.

Во последниот попис направен пред 18 години, бил регистриран само еден жител во ова село, кое сега е целосно раселено.

Одвреме-навреме, низ шумата може да ве вознемири лаеж на ловџиски кучиња, кои низ тие пространства го бараат пленот.

Со оглед на состојбата во повеќето села, каде бројот на жители со пописот од 2002 година е едноцифрен, предвидувањата се дека не очекуваат дополнително поразителни податоци во руралните средини за пописот кој се најавува за наредната година.

Причините за иселување на луѓето од село во град се најчесто економски и поради подобрите можности кои ги нудат урбаните средини, но постојат и исклучоци – во последните години, луѓето од градовите се враќаат назад во селата.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости