„Горди сме за добиеното одобрување од ФДА (Американската Национална Агенција за храна и лекови) која го потврдува квалитетот на нашите Каноил производи кои од 2020 се извезуваат на Американскиот пазар под нашиот бренд Каноил. Се работи за палета од 15 производи (масла, спрееви, масти, супозитории и вагитории) т.е. истите производи кои се продаваат и на македонскиот пазар.
Ваквите признанија, за нас, претставуваат силен стимул за освојување на нови предизвици.
За таа цел во соработка со Германски партнер, „Реплек Фарм“ инвестира во нова високо специјализирана фабрика, со највисока технологија и строго наменета за изработка на производи кои содржат екстракти од Cannabis. Новата фабрика се простира на површина од 1300 m2. Истата, е дизајнирана и се изведува согласно GMP директивите. Просторот ќе биде обезбеден со климатизација, вентилација како и 24 часовно мониторирање на температурата и влагата. Опремата е изработена од материјали сертифицирани во согласност со GMP стандардите кои се компатибилни за работа во фармацевтската индустрија.
Со ова, повторно сакаме да го истакнеме нашиот сериозен и еднаков пристап во изработката и контролата на квалитетот на производите од канабис како и кон сите други фармацевтски производи присутни на повеќе од 30 светски пазари во изминатите 19 години“. – кажа Др. Иван Туџаров, генерален директор на Реплек Фарм.
Нашиот канабис е со најдобар квалитет во светот. Македонските производители создадоа цвет со 18 проценти CBD, тоа е светски рекорд. Светски рекорд имаме и во производство на 25 процентно THC. Tоа никој не го знае. Треба да се извезува, а виновни што не се извезува се тие кои ние сме ги избрале. Веднаш треба да се донесе Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, истакна денеска на прес-конференција генералниот директор на компанијата Реплек фарм Дооел, Иван Туџаров.
Посочи дека Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции требало да се дополни во изминатите три години.
– Не е битно дали функционерите имаат полиња, битно е дали го почитуваат законот. Ако не го донесеме законот губиме огромен приход и не го збогатуваме овој народ. Приходот на Македонија мора да се зголеми, потенцира Туџаров и додаде дека народот мора да има плата повисока од 400 евра.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто пациентите се уште купуваат масло од канабис на црниот пазар со образложение дека во производите на компанијата има ниска концентрација на THC, Туџаров истакна дека црниот пазар не може да се запре, туку може да се намали.
– Црниот пазар произведува THC во разни услови дали со нафта, газије, на секаков начин. Знаете што е проблем, кога еден државен министер за здравство ќе седне со еден таков џанкер и ќе дискутира за законот, рече Туџаров.
Во врска со тоа зошто лекарите на кои им е дозволено да пропишуваат на рецепт дел од производите на компанијата не го прават тоа, бидејќи се скептични, тој вели дека некои лекари пропишуваат некои не. Додаде дека луѓето се уште не се уверени во квалитетот на производите и дека докторите треба да се запознаат со оваа проблематика.
Цане Талевски, советник на Туџаров, на прес-конференцијата рече дека како производители на фармацевтски дозирани форми можат да набавуваат и да користат канабис само од фирми кои имаат лиценца за добра агрикултурна пракса.
Раководителот на одделението за производство на екстракти од канабис, Софија Лазаревска рече дека не постои доктор кој може да спори дека пациентите болни од карцином, кој има широки размери кај нас, немаат подобрување на аптетитот, сонот, намалување на гадење и повраќање, подобрување на некој начин на имунитетот, намалување на болката и подобрување на квалитетот на животот.
– А дали ќе се излекуваат, болеста е злокобна и никој ниту со хемотерапија не може да тврди дека ќе се излекуваат. Не негираме никаква конвенционална терапија со ниту еден од препаратите што ги имаме. Немаме право тоа да го кажеме, но имаме право да кажеме дека секој кој не може со својата медицинска индикација да добие соодветен лек, и добива лек со кој нема соодветен одговор, треба да почне да проба тоа да го подобри со користење канабис, додаде Лазаревска.
„Реплек Фарм“ ќе продолжи со остварување на својата мисија, односно, обезбедување на висококвалитетни лекови достапни за сите, бидејќи болеста не познава националност, вера, социјален или економски статус, стои во соопштението од „Реплек Фарм“ ДООЕЛ.