Албанската влада денеска ја усвои новата реорганизација на судството, со која се намалува бројот на судовите во земјата. Сега, според министерот за правда Улси Мања, наместо 22 ќе има 13 првостепени судови, од шест апелациски судови ќе функционира само еден, додека од шест ќе има само два управни суда.
-Одобрувањето на новата судска мапа е важен чекор во спроведувањето на реформите во правосудството. Таа е заеднички предлог на Високиот судски совет и Министерството за правда. Тоа е производ на група експерти од Високиот судски совет, помогнати од експерти од Советот на Европа, но и од други меѓународни експерти – рече Мања.
Според него, новата судска мапа ќе го стандардизира просечното време на доставување на одлуката, ќе направи правична распределба на судиите, ќе ги намали трошоците за обезбедување правда.
Во Албанија има над две илјади адвокати, кои во знак на незадоволство од новата реорганизација, повеќе од еден месец штрајкуваат и во просек неделно бојкотираат по 500 судски предмети.
Тие сметат дека трошоците и малтетирањата на граѓаните на овој начин многу ќе се зголемат, бидејќи адвокатите и нивните клиенти во некои ситуации ќе мора да одат во други градови на судења или во главниот град Тирана на Апелациски суд.