Специјалната единица Ренџери нема да се најде во новиот стратегиски план на министерството за одбрана, потврдуваат од таму за Фокус. Од министерството нагласуваат дека ниту еден вработен нема да го изгуби своето работно место, туку ќе бидат распоредени во останатите единици на Армијата.
Министерстово за одбрана согласно стратегискиот план ќе формира нова интегрирана единица за извидување, разузнавање, набљудување, определување на цели (ИРНОЦ), во која освен ренџерите ќе се влезат припадници и од другите специјални единици.
„Постоечките ренџерски капацитети, како и способностите за набљудување и електронско војување, ќе се искористат како основа за воспоставување и надоградување на потребните способности во организацијата на АРМ. Припадниците на ренџерските единици со планот за трансформација ќе имаат можност да ги пополнат редовите на единиците на специјални сили, ИРНОЦ единиците, како и другите единици на АРМ согласно стандардите и потребите. Еден од принципите во претстојните трансформациски процеси е соодветно распоредување на армискиот персонал во рамките на организацијата и формацијата на АРМ и унапредување на постојните способности и капацитети“, велат за Фокус од Министерството за одбрана.
Од министерството проблемот со условите во касарните, како и одржувањето на возилата ги препишуваат на претходната власт.
„Овие проблеми се резултат на десет годишното запоставување на потребите на АРМ што доведе до влошување на условите во кои работи македонската армија. Министерството за одбрана започна со поправање на затекнатата состојба, и затоа веќе е објавен оглас за набавка на 617 пневматици, а набргу ќе биде објавен уште еден оглас за набавка на 226 пневматици. Постапките за јавни набавки за потребите МО и АРМ се спроведуваат централно од страна на Секторот за логистика и согласно Законот за јавни набавки би било незаконски единиците сами да спроведуваат постапки за набавка на пневматици“, велат од МО.
Набавката на 617 пневматици без ДДВ ќе чини 6.779.661,00 денари, додека пак вториот оглас кој ќе биде објавен во текот на годинава за набавка на 226 пневматици има проценета вредност без пресметан ДДВ во износ од 3.389.831,00 денари.
„Што се однесува до набавка на сервисирање и одржување на возилата согласно Годишниот план за јавни набавки за 2018 година, за потребите на АРМ планирани се постапки за одржување и сервисирање на сите видови на возила со набавка на резервни делови во вкупна вредност без пресметан ДДВ во износ од 26.694.914,00 денари, за што ќе бидат спроведени постапки и ќе бидат склучени рамковни спогодби. По добиени подобрени технички спецификации од страна на носителите на планирање во АРМ, ќе бидат објавени и овие огласи“, додаваат од Минситерстовто за одбрана.
Александар Тодески