На предлог на лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, Централниот одбор на СДСМ денеска избра заменици министри во владата од редовите на најголемата владејачка партија.
Како што информираат од СДСМ, заменик министер за финансии ќе биде Филип Николовски, независен финансиски и инвестициски експерт, со долгогодишно искуство во финансиите и инвестициското банкарство.
Заменик министер за здравство, пак, ќе биде Владимир Рендевски, доцент по хирургија и неврохирургија на катедрата на Медицинскиот факултет во Скопје.
Заменик министер за информатичко општество и администрација останува Александар Бајдевски, дипломиран економист во насоката финансиско сметководствен менаџмент.
Од СДСМ соопштија дека членовите на ЦО дискутираа за повеќе актуелни теми, здравствената криза предизвикана од пандемијата, мерките за заштита на здравјето на граѓаните и здравствениот систем, подготовките за почеток на училишната година, за мерките кои ги презема државата како одговор на глобалната енергетска криза и прашањата за продолжување на европскиот пат на земјава.