Ременски: За што разговарала Русковска со Јовановски?

by fokus

Откако на вчерашното судење за „Меѓународен сојуз“, обвинетиот Бојан Јовановски побара изземање на обвинителката Вилма Русковска, тврдејќи дека таа редовно комуницирала со него, откривајќи му детали за истраги, професорката Фросина Ременски, која исто така е обвинета, вели дека сега треба само да се одговори на прашањето „Дали Русковска имала комнуникации со Јовановски и од каква природа биле тие?

-Ова е едноставното прашање на кое од денес Вилма Русковска треба да одговори без филозофирање и без дефокуси – само со „да“ или со „не“.
Каков и да е одговорот Вилма Русковска има проблем! Во што е проблемот?
Од она што можевме да го слушнеме сите во судница, а за што беа изнесени материјални докази кои ги обезбедила самата ЈО Русковска во 2019 година, а пред еден месец Судот му ги даде на располагање на Јовановски, станува јасно дека Русковска ги имала на увид своите комуникации и комуникациите на сите други лица со Јовановски!
Тоа значи дека таа била должна од морални и етички причини самата да се изземе од лично инволвирање во истрагата и од амнестирање на многу одговорни ликови, вели Ременски.

Таа поентира дека доколку Русковска ја ослободела истрагата од пристрасност, непрофесионалност и ако дозволила професионално постапување на друг јавен обвинител во истрагите тој обвинител ќе можел да го цени и нејзиното поведение и природата на нејзините комуникации, слики и дружби со Јовановски!

-Дотолку повеќе што, за слична блискост и комуникација со Бојан, специјалната обвинителка Катица Јанева беше пропагандно распната и предвреме осуден без приказ на вакви експлицитни комуникации како со Русковска во случајот! Денес слушнавме и за тој анимозитет и „колегијална“ квалификација – „свиња“ што ја добила од нејзината колешка која ја обвини – ЈО Русковска!, вели Ременски.

Таанабројува на кои теми разговарале Русковска и Јовановски, според она што били изнесено во судница:
-„информирање за случаи во предистраги“,
-„информации за апсења и притвори“,
-„барања за нејзина медиумска промоција“,
-„број на чевли и порачки од Милано за шешири или штикли“,
-„озборување на колеги обвинители и делење епитети“,
-„озборување на новинари и делење епитети – шпиони и дувнати зинати за хонораари и сл.“,
-„уригенции за блиско лице за работа во СЈО“ и многу други работи,
Јасно како ден, по којзнае кој пат се гледа „етичкиот габарит“ на Русковска, вели Ременски.

Таа потенцира дека не само што постојат сериозни основи за нејзино изземање од овој предмет и вршење на притисок кон Судот и во јавноста, туку има основи за нејзино разрешување.

-Законот за јавното обвинителство во член 70 став 1 е јасен и вели дека „јавен обвинител може да биде разрешен доколку во јавнообвинителското постапување стори кривично дело“, односно доколку ги пречекори своите службени овластувања, вели Ременски.

Таа ја коментира и реакцијата на Русковска по обвинувањата од јовановски.

-И видете го апсурдот …, кога Јовановски зборуваше за овие работи на рочиштата кога не му го дава материјалот од телефонот, тогаш Русковска велеше, „нема докази, секој може се да каже“.
Нешто слично кога ја прашуваа Шеќеринска дали имала средби со озлогласените Јанева и Јовановски.
Денес кога „докази се изнесуваат“ и снимки од средба за „дискусија за Законот за ОЈО“, излегоа пред една година, Русковска вели „нека му ги дадат на Јовевски“, а во меѓу редови читам дека, единствено тој е уште сијамски врзан за неа.
Чудно, Мијалков, Камчев и веруваат само на Вилма, а Вилма му верува само на Јовевски, вели Ременски.

Таа појаснува зошто се приклучила на ова барање за изземање на обвинителката.

-Независно од денес изнесеното на Суд со многу материјални докази од Септември минатата година до 17 Јуни оваа година (дел изведени како мои докази на Суд), до Советот на јавни обвинители на РСМ, до Државниот Јавен обвинител Љубомир Јовевски и до Вишото јавно обвинителство поднесов претставки со пропратна документација и прилог кривична пријава со докази против Русковска. До денес без одговори.

ОЈО Скопје по пријавата против Русковска и припадници на МВР води предмет КО бр.235/21. Сите докази за пречекорува на овластувањата таа ги има сторено заедно со одредени нејзини извршители-истражители во издавање и спроведување на незаконски наредби за претрес во мојот дом во „каубојски стил“ без никаков елементарен основ за издавање налог за претрес и без исполнет услов за претрес

Во текот на оваа постапка пред Судот беа изнесени суштински повреди во предметот сторени токму од Русковска која ги помешала лицата и улогите во оваа постапка, односно од ракав и без елементарна кривично-правна логика делела улоги на сведоци, обвинети, оштетени итн.

Сето ова се покажа од сведочењата на нивните сведоци и со постапката што ја водел ЈО Наум Пановски за истиот случај во 2017 година, а Русковска реши да постапува повторно без да каже дали постапката на нејзиниот колега е незаконска, ако таа повторно ја отвара или каде е неговата одговорност?, вели Ременски.

Таа додава дека сега очекува републичкиот обвинител Љубомир Јовески да ја изземе Русковска.

-Очекувам Јовевски на крајот на неговиот мандат, наместо сам да се нуди за унапредување во уставен судија, да постапи професионално и да покаже дека, сите се еднакви пред Уставот и законите, па дури и обвинителите на кои им е претпоставен Нека го повика и Етичкиот совет на консулатации кога ќе ги разгледува комуникациите помеѓу Јовановски и Русковска, за да има еднаков аршин и за неа како и за онаа која Русковска ја нерекувала „свињата“ … Се друго е замајување на јавноста и мачкање очи за некаквo fucking независно обвинителство, вели Ременски.

Поврзани новости