Новата преодна влада што треба да се формира според пржинскиот модел, доколку четирите најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА постигнат договор за сите отворени прашања, како прочистување на избирачкиот список, регулирање на медиумската сфера, но и утврдување на датум за предвремени парламентарни избори, нема да претрпи суштински кадровски промени, велат за Фокус добро упатени партиски извори.
Според нив, единствената нова промена може да ја направи СДСМ со назначување на Фросина Ременски како министерка за внатрешни работи. Таа се споменуваше за оваа функција и при првото формирање на ваквата влада, но на крајот заврши на челната позиција во ресорот труд и социјала, каде првично беше планиран Љупчо Николовски, меѓутоа и тој во последен момент беше прекимандуван во министерството за земјоделство како дополнителен заменик-министер. Ременски зад себе наводно ја имала поддршката од значителен дел од луѓето кои го составуваа кабинетот на Оливер Спасовски додека беше прв човек на МВР, па останува да се види дали партискиот лидер Зоран Заев ќе ја направи оваа рокада и Спасовски ќе го испрати во труд и социјала или друг ресор.
Нашите соговорници посочуваат нема да има никакви промени во ВМРО-ДПМНЕ, особено по последната владина реконструкција, по која дојде до промена во министерството за финансии. Откако ја „преживеа“ министерската чистка по избивање на аферата со прислушувањето, која ја запечати кариерата на тројца блиски соработници на Никола Груевски – Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков, Ставрески сега се повлекува од здравствени причини и на негово место дојде Кирил Миновски од Управата за јавни приходи. Воедно, разрешена беше Драгана Кипријановска од заменичкото место во Министерството за надворешни работи, која беше кадар на отцепениот Павле Трајанов, и на нејзино место беше именуван Илија Исајловски.
Инаку, се ќе зависи од исходот на преговорите, кои, под покровителство на евроамбасадорот Аиво Орав деновиве се водат преговори меѓу Никола Тодоров, Радмила Шеќеринска, Артан Груби и Имер Алиу, а доколку се оствари прогрес ќе отидат на лидерско ниво, каде, во однос на владата за спроведување на изборите, најверојатно ќе се договори распределба на ресори и укинување на заменичките министерски места со право на вето и увид.