Ременски: Свесно излажав дека сум бремена за да престанат да ме удираат

by fokus

Лажев дека сум бремена за да престанат да нè тепаат, рече пратеничката Фросина Ременски, која денеска трета сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, пренесе порталот СДК. Сведочејќи, Ременски рече дека кога напаѓачите влегле во прес-центарот таа била во галеријата и гледала како тие ги тепаат пратениците со сè што ќе им дојде при рака.

„Јас и Павле (Богоевски) стоевме на оградата на галеријата, другите пратеници беа скриени во кабините. Во еден момент, напаѓачите нè забележаа и рекоа ‘ене го шарениот и Ременска, одиме по нив’. Кога дојдоа горе му реков на Павле во толпа не се тепа, сè што треба ќе издржиме. Ни се закануваа – ќе ве убиеме, ќе ве нема, а еден повозрасен напаѓач цело време ме клоцаше и удираше по стомак. Во еден момент со клоца толку силно ме удри по стомак, по што почнав да се превиткувам. Еден друг напаѓач ме праша – што е, да не си трудна, му реков да. Свесно излажав за да спречам идни напади во галеријата”, рече во сведочењето Ременски по прашањата на Јавното обвинителство.

Ременски сведочеше дека од влезот на напаѓачите во прес-центарот до нивната евакуација поминале точно 2 часа и 5 минути, бидејќи го забележала времето кога влегла групата насилници. И Ременски, како и другите двајца претходни сведоци пратениците Дамјан Манчевски и Илија Николовски, рече дека луѓе кои се првпат во Собранието не можат толку лесно да го најдат прес-центарот, бидејќи Собранието е специфично и дури и тие како пратеници не можат толку лесно да се ориентираат во него.

 

Поврзани новости