Сведокот Фросина Ременски во денешното сведочење за „Таргет-Тврдина“, истакна дека од 2008 до 2014 работела на Факултетот за безбедност и се занимавала со работењето на МВР и постоеле сомнежи дека нејзините службени и приватен телефон се следени.
– Тие сомнежи потоа и ми се потврдија. Мое мислење е дека бев следена за изнесени мои професионални ставови и поднесена кривична пријава од 2013 година, а не за мојот политички ангажман. За мене не постоеше сомнеж ниту дека јас и моето семејство сме следени и недозволено фотографирани. Од СЈО добив потврда дека пет мои телефони се прислушувани, изјави Ременски.
Рече дека се чувствува како оштетена, бидејќи била суспендирана и разрешена од функцијата ректор на факултетот за безбедност.
-Фактот дека 2011, 2012 и 2013 година целиот документиран периoд во кој е откриено и пријавено незаконското опремување на МВР на штета на мојот факултет, целиот период на различни начини ми е вршен притисок и професионален и приватен. За сето тоа ќе барам отштета и ќе поднесам докази, изјави Ременски.
Актуелниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ денеска во сведочењето за предметот за прислушкувањето „Таргет-Тврдина“, рече дека од 2009 до 2013 година работел во „Хумал ск“, а од 2014 бил директор на ЈП „Паркинзи на општина Центар“, како и дека бил политички активен во СДСМ.
-Од 2008 имаше шпекулации дека има прислушување, а по објавувањето во 2015 година се обратив до СЈО, од каде ми беше кажано дека сум прислушуван на пет телефонски броеви, изјави Богдановиќ.