Ременски очекува Обвинителството да ја запре постапката против нејзе

by fokus

Пратеничката Фросина Ременски повеќе од два и пол часа даваше исказ во Обвинителството за гонење на организиран кримнал и корупција, како осомничена во истрагата за невладината организација „Меѓународен сојуз“, позната во јавноста како „Рекет 2“.

Ременски очекува обвинителката, Вилма Русковска да ја запре постапката против нејзе.

– Денеска го остваривме нашето законско право. Дадовме одговори и појаснувања за прашања коишто можеби биле причина за отворање на истрагата и секако ги расчистивме сите прашања кои се во тој контекст како дилема на јавното обвинителство и сметаме дека врз основа и на исказите и на прибраните докази, јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене. добив решение за завшрена истрага. Ќе ги искористиме сите законски права што ни ги дава законот до конечната одлука на ЈО. Во контекст на тоа не би коментирала ништо повеќе од она што го кажав пред надлежните институции како исказ, изјави Ременски по излегувањето од Обвинителството.

Таа со часови вршеше увид во доказите и во петокот и вчера, кога тврдеше дека во Обвинителството видела сè, освен докази.

– Јас го остварувам моето право согласно законот. Не би коментирала за доказите бидејќи тоа е надлежност на институциите. На сите прашања ќе одговорам кога ќе дадам исказ пред Обвинителство, рече Ременски.

На распит кај обвинителката Вилма Русковска вчера во врска со сомненијата за измама и перење пари во проширената истрага за случајот „Рекет“ беше потпретседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ. Нејзиниот адвокат тврди дека Мандиќ била злоупотребена.Во петок исказ за оваа истрага треба да дадат останатите осомничени, Бојан Јовановски – Боки 13, неговиот татко Миле и асистентката Христина Блажевска.

Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9-ти октомври против пет лица, се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други. Русковска очекува обвинение за овој случај во јануари.

Поврзани новости