Ременски: На лажни идентитети се орочувале пари од програмата за заштита на сведоци

by fokus

Професорката Фросина Ременски, осврнувајќи се на случајот „Ликвидација“, потсетува како што вели, на „корумпираниот и прикривачки ориентиран полициско-обвинителски систем“ и за тоа како, според неа, се проневерувале парите во МВР кои биле наменети за заштитени сведоци.

-Неодамна прочитав едно многу логично прашање што јавно го постави новинарот Томислав Кежаровски: „Ако имавме режим и ако се боревме против режим, тогаш како е можно да нема жртви на режинот и да нема одговорност за сторителите?
Пред очи ми излезе случајот „Ликвидација“, познат како случај „Ореше“, во кој покрај Кежаровски и другите обвинети, кривично беа гонети истражниот судија Валентин Зафиров, велешки судија, заменик јавен обвинител, врховен судија и адвокат.

Осудувани неколку пати, одлежаа притвори, затворски казни и на крајот беа ослободени од вина за тоа што „по падот на режимот“ требаше да биде под лупата на истражувачкото новинарство и „ослободените“ институции, за да се прикаже како функционираат (и денес) неказнетите удбашки местенки, забиберени со интереси на високи полициски структури, и како сервилниот правосуден систем прифаќа да биде дел од вртлогот на злоупотреби на еден од најсуптилните правни институти – програмата за заштита на сведоци!, пишува Ременски.

Таа открива, како што вели, неколку непознати факти за финансискиот аспект на „заштитениот сведок“ во случајот “Ореше”. Според неа интересен е начинот на кој се користеле и управувале буџетските средства од касата на МВР, познати како „спец-каса за заштита на сведоци“, овој пат од „штедачите“ во Одделението за заштита на сведоци при БЈБ на МВР. Како што додава, за сето ова има докази и живи сведоци.

-Проектот на Европската комисија WINPRO „Заштита на сведоци во борбата против сериозниот криминал и тероризмот во рамките на IРА за 2009 година ја опфаќала и РМ за грант од 4 милиони евра за две години. Покрај Единиците за заштита на сведоци во проектот WINPRO биле вклучени и судските органи и јавното обвинителство со свои претставници
Амбицирани да потрошат пари од програмата (најмалку за меѓународна соработка во кривична материја), а многу повеќе во „домашни случаи со заштитени сведоци“ – Ореше, Метастаза, Калдрма …, и да го „заживеат“ Законот за заштита на сведоци од 2006 година, тргнуваат иницијативите и досетките за „истраги со заштитени сведоци“!, вели Ременски.

Таа додава дека бил прифтен трошовник од 31.000 евра за заштитениот сведок „Бреза“, кои биле ставени на девизна штедна книшка, наводно на лажен идентитет на вработен во МВР. Средствата наводно биле орочени на период од 90 дена, а по истекот на тој рок била подигната камата. Таа додава и дека овие лажни „штедачи“, со двојни идентитети во МВР, ги има и во избирачкиот список.

-„Бреза“ го обезбедувала полицијата, му организирала и плаќала лекарски третмани и средби, полицијата се расправала со неговите домашни миленичиња, пријавувал лица кои наводно му се заканувале, за да на крајот изјави дека, службата го зезнала, дека, му ветила 10 години живот на државен „заштитен трошок“, ама ништо од тоа! Спогодбата со МВР на „заштитениот сведок Бреза“ завршила на 01.06.2013 година. За отстапувањето од осмислената „удбашка легенда и агенда“, Златко Арсовски – Бреза доби притвор и казна затвор за лажно сведочење. Но, до денес никој не оцени кое сведочење на „Бреза“ е лажно – она што како изјава му ја напишале инспекторите од УБК или она кое го кажа јавно дека, првичната изјава му била изнудена со тортура и присилба за соработка која од материјални побуди ја прифатил, вели Ременски.

Поврзани новости