Пратеничката, Фросина Ременски, пред чиј дом во неделата вечерта се одржа протест, го повикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да преземе одговорност за, како што вели, „дивеењето на неговите комитети“.
„Очекував конкретна изјава од Мицковски за учеството на неговите општински комитети во организација и јавното омаловажување и заканите пред домовите на пратениците на СДСМ – колеги на неговите пратеници во Собранието на РМ.
Во вчерашната негова изјава не само што не ги осуди настаните и насилството, туку по примерот на неговиот претходник Груевски, со големо “НО”, бараше оправдување за “народот што демократски протестирал” и го обвини Зоран Заев за некакви манипулации со јавноста.
Јас верувам и знам дека многу членови на опозицијата не се согласуваат со хушкањето и поттикнувањето на омразата и подлите потези на Никола Груевски кој кумуваше и инспирираше “демократски упад во Собранието”, терор и обиди за убиства зад превезот на некаков нивен смисол за патриотизам и македонштина.
Јас сум убедена и знам дека многу мои колеги од опозицијата се згрозени од тоа што го гледаат и слушаат, и трпат закани доколку помислат да покажат поинакво однесување од груевистичката матрица.
Ако сака Мицковски и неговата партија да покажат дека навистина се државотворна партија како што и самиот изјави вчера, нека биде спремен да ја преземе и одговорноста за сите последици од дивеењето на неговите комитети кои се кријат зад локални силеџии, ситни крадци, навивачки групи, ќосенца, утки, чавки и др.
Од денес па се додека трае ова режирано лудило без грам политичка логика и води кон поттикнато самовластие јавно ќе ги објавувам сите информации кои со нас ги споделуваат нивни загрижени членови и активисти кои не се согласуваат да влезат во црните сценарија, за кои стравуваат дека ќе бидат полоши кон нив ако тие покажат несогласување кон нив.
Другари, чувајте си го мирот, свеста и соживотот со вашите комшии и браќа, зошто патриотизмот не е чкорче што гори за 20 секунди, туку извор на живот за 20 ваши поколенија од сега па во иднината која сакале-несакале родени сме на ова парче земја да ја делиме заедно и со тие на кои им порачувате смрт, погреби и гасни комори!“, напиша Ременски на својот фејсбук профил.