Кандидатката за лидер на СДСМ, Фросина Ременски не се откажува од своето статутарно право и ќе предложи свои претставници кои ќе ја следат работата на Централната изборна комисија и општинските изборни комисии за време на вантрепартиските избори во СДСМ.
-Се што е предвидено со Статутот на партијата и правилникот за спроведување на внатрепартиски избори ќе го искористам како право.
Тука не станува збор за желба дали сакаме да ги почитуваме правилата или не, ниту пак е прашање на доверба, туку станува збор за прашањето на обезбедување на легитимитет на процесот. Делигирањето на членови во избирачки одбори е едно од многуте.
Откажувањето од тие механизми ги одзема сите право кои произлегуваат од изборниот процес, вели Ременски за Фокус.
За разлика од нејзе, Јован Деспотовски, еден од тројцата кандидати за лидер на СДСМ соопшти дека нема да предложи свои претставници кои ќе го следат изборниот процес во партијата.
Ременски вечерва беше гостин на Сител и рече дека немала контакт со лидерот во оставка, Зоран Заев затоа што не чувствувала потреба да добие дозвола од него за да се кандидира.
-Јас ниту пред ниту по мојата кандидатура немам комуникација со претседателот Зоран Заев, затоа што самите внатрепартиски избори и самата одлука на Централниот одбор на СДСМ го дава правото на секој кандидат кој ги исполнува условите согласно статутот и правилникот на партијата да поднесе кандидатура и да ја збогати токму таа внатрепартиска демократија, рече Ременски.
Во однос на ставот на Заев дека ја поддржува кандидатурата на Димитар Ковачевски и на неговото присуство на владини средби заедно со Заев, Ременски изјави дека не смета дека е хендикеп и неправилно тоа што тој учествувал на владините средби.
-Секој има право да има фаворит и секој има право да поддржи некого. Она што јас го очекувам е поддршка и поздрав на кандидатурите од Заев за сите кандидати, вклучително за кандидатурата на Јован Деспотовски и за мојата, порача Ременски.