Пратеничката Фросина Ременски, таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски како и асистентката на Боки 13, денеска треба да се појават во Кривичниот суд, каде што судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе им одреди некоја мерка на претпазливост.
-Што се однесува до останатите лица опфатени со предлогот за определување мерки за претпазливост, согласно Законските одредби, истите се повикани во текот на утрешниот ден да се произнесат во однос на предлогот пред судија на претходна постапка, информираа вчера од Кривичниот суд.
Обвинителката Вилма Русковска вчера откри дека на овие осомничени бара да им бидат одземени патните исправи, да добијат забрана за напуштање на живеалиштето, односно градот во кој живеат, и еднаш неделно да се пријавуваат во Кривичниот суд.
Русковска истакна и дека осомничените добиле покани самите да се јават во судот, односно тие нема да бидат спроведени со полициска придружба, како што синоќа беше спроведена осомничената Јасна Мандиќ, потпретседателка во Меѓународниот сојуз, на која судија на претходна постапка и одреди домашен притвор.
Вчера Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја информираше јавноста дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евро од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица врз основа на заем или донација, се појаснува во соопштението.
Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески-Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третоосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.