Професорката и поранешна пратеничка Фросина Ременски, кој е и една од обвинетите во случајот „Меѓународен сојуз“, вели дека обвинителката Вилма Русковска ќе заврши полошо од она што и го смести на нејзината колешка Катица Јанева, поради направените злоупотреби. Таа го анализира предметот во кој е обвинета, а е во фаза кога одбраната презентира докази. Според неа, обвинителството направило сериозни злоупотреби во постапката за истрага и предистрага за предметот.
-Ако оваа фатаморгана од судски процес за „Меѓународен сојуз“ беше за сторено кривично дело, тогаш на обвинителна клупа (без мене) ќе беа обвинителот Наум Пановски, директорот Арафат Муареми, сведокот што не може да биде сведок Љиљана Тодоровска, носители на јавни функции, а на чело на обвинителната клупа ќе беше извршителот и прикривачот Вилма Русковска, вели Ременски.
Таа потсетува дека овој предмет најпрвин бил во Управата за финансиска полиција, но тогаш обвинителот Пановски одлучил дека нема случај и предметот треба да се затвори. Таа дава детално објаснување:
-За големо разочарување на Обвинителството, Судот на минатото рочиште прифати да обезбеди три предмети водени во Судот, во Обвинителството и во Финансиската полиција за водени истраги за основи на сомневање за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело“ во кои осомничена е Љиљана Тодоровска (жената која на своја сметка прими 720.000 евра од фирмата Пелистер на Сиљан Мицевски).
Кога Пелистер и Сиљан Мицевски по претходни оценки и проценки на неговите правни тимови за исплатливоста на проектот за изградба на старски дом влегле во облигациони договарање со Меѓународниот сојуз на кој Договор се потпишани: Бојан Јовановски, Агапи Дика, Јованка Кухар, Љиљана Тодоровска, Јасна Ерцеговиќ и Сиљан Мицевски, авторот на проектот Љиљана Тодоровска доброволно и свесно се согласила на своја сметка за авторски хонорар да прими 720.00 евра.
Откако преку Авторска Агенција (за што сведочеше и директорката) била проверена законитоста на договорот и основот за исплата и пресметка на данок, и откако Агенцијата на државата и платила данок во висина од близу 80.000 евра од овој проект (за што УЈП потврдила дека е исправно со записник), Љиљана Тодоровска се усреќила за 720.000 евра.
По правилата за спречување перење пари, Комерцијална банка АД ја алармирала Управата за финансиско разузнавање, а Управата – Финансиската полиција, а тие пак, Обвинителството, дека постои сомневање за перење пари.
Обвинителот Наум Пановски кој постапувал по предметот во ОЈО ГОКК дал предлог, а судија на претходна постапка на 18.12.2017 година донел Решение КОК ПП 441/17 со кое ја блокирал сметката на Љиљана Тодоровска, а обвинителот отворил предмет поради сомневање за „перење пари и други приноси од кривично дело“ против осомничената Тодоровска.
Покрај сослушаната осомничена Љиљана Тодоровска, биле сослушани и Сиљан Мицевски, Јасна Ерцеговиќ и Бојан Јовановски.
Покрај ставот кој и денес го застапува Сиљан Мицевски дека верувал и верува во таков проект, и дека не се чувствува измамен што го кажа и на Суд, Вилма Русковска во септември 2019 година и покрај тоа што не го сослушува како оштетен и не му дава статус на оштетен во истрага (многу битен процесен елемент), таа присилно му наметнува став кој и денес тој не го застапува дека, е измамен – тогаш рекетиран.
Во истрагата на обвинителот Наум Пановски тој прибавил докази за основаноста и законитоста на исплатата, договорот и легалноста на парите од Пелистер Битола. Обезбедил проект, идеен проект за Битола, бизнис план, рамка за психолошка поддршка на стари лица, финансиски модел итн., итн., сето тоа спротиво на сегашната теза на неговата доскорашна шефица дека, станува збор за „наводен“ проект.
Откако завршил со истражувањето обвинителот Наум Пановски до Судот на 12.04.2018 година доставил предлог-барање со известување дека, „парите примени на сметката на Љиљана Тодоровска не потекнуваат од сторено кривично дело“, по што со Решение од 12.04.2018 година Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 „ја деблокира сметката на Љиљана Тодоровска“, по што таа се здобила со правото да си ги подигне парите од банка.
Во решението што Пановски го донел по завршување на постапувањето по предметот навел дека, „во дејствијата на Љиљана Тодоровска нема елементи на кривично дело“ што во превод значи дека, основот за исплата на средства и облигациониот договор се законски, а средствата на фирмата Пелистер чисти, објаснува Ременски.
Таа обвинува дека обвинителката Русковса со отворање на предметот направила злоупотреба.
-Не можела Вилма Русковска во предистрага за Меѓународен сојуз да не знае дека, нејзиното ОЈО со кое раководи и подредениот ЈО Наум Пановски веќе постапувале и расчистувале сомневања за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Свесно го пренебрегнала тој факт и кон повторната истрага за Меѓународен сојуз го придодала (без докази) ова кривично дела само за да бидат надлежен орган, иако по сите параметри ОЈО за ГОКК нема надлежност (стварна) да гони за кривично дело измама.
Фактот што Русковска подига обвинение за веќе утврдени факти од ЈО Наум Пановски и Кривичниот совет при Судот, зборува дека, таа свесно и намерно го иззема ЈО Наум Пановски од кривично гонење, доколку сето она што го правел со Меѓународен сојуз е кривично дело.
Ако случајот со Меѓународен сојуз и Пелистер е кривично дело, тогаш лицето Љиљана Тодоровска која ставила на располагање средство за извршување на кривично дело (банкарска сметка), не може од Вилма Русковска да добие статус на сведок, дотолку повеќе што, во законски утврдениот рок Тодоровска која 1,5 година по подигањето на парите од банка за медиумите тврдеше дека, е „ограбена“ до денес во полиција и обвинителство не пријавила кривично дело кражба или друго дело со познати сторители (дела што се расчистува за 48 часа). Напротив, во истрагата на ЈО Пановски таа има статус на осомничена и записник за давање на исказ на осомничено лице, а во истрагата на Вилма Русковска, надвор од сите процесни и криминалистички правила таа добива статус на сведок кој лажно сведочи на Суд, вели Ременски.