„Во интерес за вистинито и објективно информирање на јавноста, а во едно и да демантирам невистинити констатации го давам следново појаснување.
1. Сите странки во истражната постапка треба да се придржуваат кон тајноста и законитоста и на постапките што ги водат и на информациите што ги споделуваат со јавноста.
2. Потврдата од ОЈО за одземени документи, воедно и нивниот демант за природата и тематиката на документите е еден значаен аспект од објавената вест која не смее да биде извор на идни шпекулации и лажни вести.
3. Веста во порталот е објавена во пресрет на институционална потврда по моја претставка за крајно незаконит влез и претрес во мојот дом што отвора друга сериозна димензија за законитоста во постапување на надлежните за спроведување на истражното дејство.
4. Вмешувањето на името на мојот сопруг Јовче Ременски во контекст на објавената вест, како и до сега го сметам за крајно злонамерно и тенденциозно, ако се земе предвид фактот дека, документи што не смееле да бидат одземени во незаконит претрес се одземени од мене – Фросина Ременски, а не од мојот сопруг, и истите не се ниту предмет на кривично дело, ниту пак потекнуваат од кривично дело.
5. Да не заборавиме дека, согласно закон, документ со кој се прикрива кривично дело, пречекорување на овластувања или други незаконски дејства не може да биде класифициран документ.
6. Како член на собраниска Комисија за надзор над УБК и АР од 2017 година сум била иницијатор за надзори, а врз основа на добиени информации од надзори и добиени документи за злоупотреби, до денес, во вршење на служба имам поднесено неколку кривични пријави и барања за постапувања до надлежни органи, за сега без одговор. Тоа ќе се случува и понатаму.
7. Како поранешен министер и сегашен пратеник и потпретседател на Собранието од 2015 година поседувам безбедносен сертификат “Државна тајна”.
За сите други прашања поврзани со овој објавен текст и мој одговор, очекувам комуникација во/со ОЈО, а не во/преку медиуми“, се вели во реакцијата на Фросина Т. Ременски.