Професорката Фросина Ташевска-Ременски, обвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, до судијката Софче Гаврилова-Ефремова достави поднесок со кој бара да се донесе одбивателна пресуда, образложувајќи дека во случајот нема оштетени лица, бидејќи обвинителството на наводно измамените бизнисмените им ја доделило само улогата на сведоци.
-На минатото рочиште обвинителката Ивана Трајчева на прашање на судијката одговор дека во предметот нема изјава за предјавена штета и имотно правно побарување од измамените или оштетени правни лица АД Пелистер Битола и Дрим Билдинг ДОО Струга. И за време на предистражната постапка, бизнисмените Сиљан Мицевски и Ардијан Амзоски, на 3.9.2019 биле сослушани во својство на лица од кои се бараат посебни известувања, а не како оштетени. За време на истрагата овие лица не биле повикани и немаат дадено изјави пред јавниот обвинител во својство на оштетени лица, појаснува Ременски.
Таа во поднесокот потесетува дека како оштетени овие лица согласно чл. 370 од ЗКП, имаат право да истакнат оштетно побарување до крајот на главната расправа, но нејасно е кога и како во истражната постапка добиле статус на оштетени лица, кога овие лица, ја немаат иницирано предистражната и истражната постапка со пријава за измама и штета која им е нанесена, со таквата измама и од кого.
-Ова посебно го потенцирам бидејќи, само од нивниот исказ, може да се утврди како и на кој начин јас сум помогнала да се изврши кривичното дело Измама со кое на нив им е причинета штета, како и опис на правните квалификации за битието на ова дело, т.е. во што се состоело моето помагање за извршување на ова кривично дело, т.е. на кој начин, на кого и кога сум давала препораки, совети и упатства. Наводите од обвинението дека јас сум била угледна и авторитетна личност не се доволни за исполнување на квалификаторните услови за битието на кривичното дело помагање во измама кое се состои во конкретни дејствија препораки, советувања и упатства. Сите овие аргументи беа дел од Приговорот на предлог-обвинителниот акт КО.бр. 130/19 поднесен на 15.01.2020 година, при што судечкиот совет за оценка на обвинителниот акт не ги согледал и зел во предвид, иако за тоа постои судска пракса, вели Ременски.
Таа додава дека, дополнително, овие правни лица, уште од лани, имаат поведено парнични постапки за раскинување на склучените договори и наплата на пенали предвидени со договорите за стратешко партнерство, а за нивните тужбени барања, донесени се и привремени мерки за обезбедувањето на побарувањето со забрана за отуѓување и оптоварување на имотот на обвинета во предметот.
-При ваква состојба на работите, на немање формално-правно оштетен во кривична постапка за измама и уредно оштетно или имотно правно побарување, се поставува прашањето и покрај правосилноста на обвинителниот акт, дали е испочитувано начелото на акузаторност и официјалност предвидено со чл. 17 од ЗКП.
Предистрагата и истрагата за кривичното дело измама се поведува на иницијатива и по пријава на оштетеното лице. Таа иницијатива има статус на предлог за гонење што навремено се поднесува до јавент обвинител (чл. 58 од ЗКП). Ако самиот оштетен поднесе кривична пријава или стави предлог за гонење ( што не е во случајов) ќе се смета дека, со тоа ставил предлог за гонење. Во конкретниов случај, до сега нема изјава дадена во истражна постапка пред јавен обвинител од измамено или оштетено лице, нема кривични пријави од оштетено лице и нема изјави за оштетно побарување дадени во фаза на истрага, така што за ова кривично дело иако овластен тужител е јавниот обвинител, неговото кривично гонење е апсолутно условено од вољата на лицето овластено да поднесе пријави или од исказот на овластеното лице на оштетеното лице, од кое ќе се утврдат елементите на кривичното дело измама, тврди Ременски.
Таа појаснува дека во ваква ситуација судот е должен, поради постоење на процесни пречки, да ја запре постапката, односно да донесе пресуда со која се одбива обвинението. Доколку не постапи така, судот, според Ременски, ќе направи суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка.
Таа до судот достави и две пресуди од судот во Виница и Апелациониот суд во Штип, како судска пракса за отфрлање на обвинение.
Исто така, во поднесокот Ременски потенцира дека ниту пензионерката Лилјана Тодоровска, која се смета за автор на идејата за проектот, нема статус на оштетена.
-Средствата кои по основ на оваа наводна измама од АД Пелистер Битола и Дрим Билдинг ДОО Струга се префрлени од АД Пелистер Битола на трансакциска сметка на лицето Лилјана Тодоровска, биле предмет на истрага од Финансовата полиција и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а заради основано сомневање за кривично дело, перење пари и приноси од казниви дела. Во рамки на таа истражна постапка било утврдено потеклото на средствата, правниот основ по кој е извршена трансакцијата дефинирани во склучен Договор помеѓу правните лица и Лилјана Тодоровска како автор на проектот, од друга страна и по извршените проверки и искази во таа истражна постапка, било утврдено дека нема елементи на никакво кривично дело, па Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донело решение со кое ја запрело истрагата и ја овозможило трансакцијата да се спроведе како легална, пишува Ременски.
Таа додава дека по една година и четири месеци, Тодоровска, преку медиуми најавила дека има намера да пријави дека е ограбена од лица од Меѓународен сојуз.
-Ова лице нема својство на оштетен во истражната постапка, туку има својство на сведок и со подигнатото правосилно обвинение не се побарува штета или имотно правно побарување за неа како оштетен, по логиката на изјавеното. По претпоставка дека лицето е ограбено, како што наведува во известувањето доставено до МВР на 30.08.2019 година, а МВР до ОЈО ГОКК испраќа известување на 03.09.2010 година за оваа пријава, тогаш ако средствата добиени од АД Пелистер Битола се на ова лице и ако тоа е ограбено, се поставува прашањето дали, измамата може да биде сторена над оштетеното лица АД Пелистер Битола од Меѓународен Сојуз или од Лилјана Тодоровска? прашува Ременски.
Откако нејзиниот поднесокот со овие аргументи беше поделен во судница, на денешното рочиште се појави бизнисменот Амзоски кој предјави оштетно побарување од 195.000 евра.
Одбраната реагираше дека треба прво да се утврди неговиот статус пред да се прогласи за оштетен поради тврдењето дека тој бил полномошник, а не е управител на фирмата “Дрим Билдинг”. Судијката побара од Амзоски да достави дополнителна документација до судот.
Битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски, пак денеска воопшто не се појави во судница. Според обвинението тој бил оштетен за сума од 720.000 евра.
Судот на некое од наредните рочишта ќе треба да се произнесе по поднесокот на Ременски со кој бара да се донесе одбивателна пресуда.
В.В.