По објавувањето на аферата „фабрика за пасоши“, која ја откри неделникот „Фокус“, потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, потсети дека веќе 1,5 година обвинителството ја заташкува и истрагата за исчезнатите афис системи, кои според СДСМ, можат да се искористат за изработка на лажни лични документи.
-Повеќедневниот партиски притисок и медиумската пропаганда на владините функционери, МВР и ВМРО-ДПМНЕ, врз Јавното обвинителство и здравата логика на граѓаните, го потврдија фактот дека во Македонија нема независни институции. Истрагата за сомневањата за сторен криминал не беа приоритет на надлежните институции, туку задача на провладините медиуми, рече на денешната прес конференција Ременски.
Таа додаде дека врвот на МВР свесно манипулирале со доказите кои отвараат сомнеж за криминал.
-Во медиумското манипулирање со доказите за аферата „фабрика за пасоши“, Гордана Јанкулоска свесно избега од аргументите за криминал, сторен со нејзино знаење. Тоа во јавна изјава го потврди и поранешниот декан на Факултетот за безбедност кој кажа дека, „Министерката и врвот на МВР знаеле за проектот …“. За каков проект знаеле Јанкулоска и врвот на МВР“, праша денеска Ременска.
Таа објасни дека ова прашање повеќе од година и пол го мачи Јавното обвинителство за организиран криминал, кое во отсуство на волја од страна на МВР да се самоистражи, го одлага одлучувањето по кривичната пријава за, како што објасни, свесно и организирано изигрување на тендерската постапка на Министерството за образование и наука, преку давање на лажни податоци за институцијата апликант на владиниот оглас за „Опремување на лабаратории за државните високообразовни институции и јавни научни установи.
Понатаму, Ременска обвини и за сомнеж за незаконско искористување на средства од буџетска ставка на МОН од страна на МВР, преку фингирана постапка за добивање на опрема вредна повеќе од 3,2 милиони евра, како и за злоупотреба на службена положба и овластувања, противправно посредување, прикривање и непријавување на кривично дело.
Ременски истакна дека Јавното обвинителство за организиран криминал треба да ги оцени доказите и да истражи дали пријавените.
-Го повикуваме ЈО за организиран криминал, да одолее на партиските притисоци и да постапи по кривичната пријава која ја разгледува повеќе од 1,5 година. Ги повикуваме актерите од МВР и МОН, да се воздржат од притисоци и да не се затскриваат зад медиумски прилози во кои новинари ја „вештачат“ чесноста на нивните постапки, истакна Ременска.