Почитувани учесници на Панел дискусијата на тема „Религијата во образованието – зошто е важно?“ е од особено значење за македонското образование и тоа единствено може да се разбере преку искуствата на речиси сите европски земји, каде учењето за религиите во различна форма или модел, а под влијание на одредени општествени и историски околности, е дел од наставната програма на државните училишта.
Сестра Ефимија
Европа одамна спроведе сериозна дискусија за потребата од религиозно образование во училиштата и стана свесна дека тоа е континуиран и неопходен процес во животот на учениците: процес на очовечување на човекот и поттикнување и негување на неговите позитивни особини. Воедно, ваквиот став е во контекст и на европските заложби за почитување и остварување на човековите права.
Кога сме кај Европа добро е да се осврнеме на нејзиниот пристап кон религиското образование според кој можеме да разликуваме два главни модели: конфесионален и неконфесионален. Во пристапот во којшто религиското образование е конфесионално ориентирано, не се потенцира мешање на верските заедници во државните работи. Наместо тоа, се смета за остварување на државната неутралност и индивидуалната слобода и правото на религиозно изразување.
Државата не треба да влијае на содржината на наставниот предмет, туку да биде неутрална во поглед на религиската слобода и погледот на светот. Повеќето земји со приод на неконфесионално религиско образование не дозволуваат право на ученикот да се откаже од изучувањето на овој предмет, иако во некои други европски земји ваквото право им е дадено на религиозните малцинства (Јовковска, 2018). На пример, образовните системи на скандинавските земји (но и на Грција), документираат озаконување на верското образование од страна на државната легислатива, при што црквите сепак биваат консултирани, барем за дефинирањето на програмите, а понекогаш и за обуката на наставниците (Ѓорѓевски, 2018). Целта на организирањето на религиската настава во современа Европа е да се пренесат основните познавања и разбирања за религиите. Според Јовковска, 2018, учениците не треба да бидат неутрални во однос на вредностите, туку да бидат неутрални во однос на светогледот, вклучувајќи го и религиозниот светоглед.
Религиското образование треба: да придонесе за духовниот и морален развој на учениците, да развие свест кај нив за фундаменталните прашања за животот, да им се овозможи на учениците разновидно идеолошко образование, на таков начин што тие ќе се запознаат со сопствената религија и нејзиното културно наследство, со цел да се здобијат со мотивација за да формираат личен поглед кон животот, потоа преку знаењето во областа на различните системи на вредности и верувања да стекнат способност да ги прифатат различните од нив и да градат соживот во мултикултурното општество, да преземат одговорност за иднината, да влијаат врз одлуките донесени во општеството и сл.
Меѓутоа, она со коешто периодов наназад се соочува македонското општество е развивањето на новата платформа за образование и дискусиите околу неа. Она што нас овде нè интересира е неизвесноста околу опстанокот на предметот Етика во религии во училиштата низ земјава, односно дали тој во некоја друга форма или модел ќе се најде во новиот концепт за образование. Станува збор за единствениот наставен предмет кој 10 години се предава како изборен предмет во 6-то одделение, и кој во себе ги инкорпорира сите битни сегменти кои ги наведовме погоре, меѓу кои се истакнува: воспитанието преку етиката на религиските системи и запознавањето со религиските култури и традиции карактеристични за македонското поднебје.
И додека европските земји се соединуваат во своите концепти за што поголема застапеност на религиите во својот систем на образование, со цел полесно надминување на општествените проблеми и девијации, ние формираме концепти со кои и она малку што го имаме го исфрламе. Зошто? Според нашето искуство, битен фактор е токму непознавањето на тие религиски култури и традиции. Од една страна станува збор за погрешен став околу дефинирањето на односот помеѓу државата и верските заедници, а од друга страна за искривената перцепција околу практикувањето на верските традиции и сфаќањата за животот според нив.
За да се разбие овој некоректен религиски светоглед, потребни се почести јавни дебати и средби помеѓу високите претставници на државата и верските заедници со нивните експерти, за да би можела јавноста, односно државата да разбере дека верските заедници не се музеи, не се мртви институции, туку се живи заедници на конкретни личности кои учествуваат во креирањето на здравите општествени политики и процеси. Во овој контекст, соработката помеѓу државата и верските заедници е уредена и со закон, кој вели: „Државата го почитува идентитетот на верските организации и со нив воспоставува однос на постојан дијалог и развива облици на постојана соработка (чл. 6)“. Многу интересно е тоа дека во член 2 од Првиот протокол на Европската конвенција за човекови права, која што е дел од правниот систем и на нашата земја, се вели дека правото на образование не може да му се оспори никому.
При извршувањето на своите активности во областа на образованието и наставата, државата е должна да се грижи за заштита на принципот на недискриминација и да го почитува правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно своите верски и философски убедувања. Следствено, државата има обврска не само да обезбеди право на образование за секого, туку и право на религиозно образование за секого. Со тоа државата ја извршува својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозни групи. Правото на изучување на религиите, правото на познавањето на нивната историја и развој, правото на учење за сопствената религија, е универзално и цивилизациско право (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018).
Религиозното образование е вредност на секое плурално општество, а религијата е дел од националната историја, култура и традиција на секоја земја. За тоа колку е ова важно, особено во нашиот контекст, имајќи ја предвид длабоката вкоренетост на религиите во нашите традиции, но и во современоста, сведочат неколкуте последни анкети на КАС, ИПИС и Религија.мк. Значи гледаме дека денес е особено популарно да се зборува за секуларизмот и демократијата, меѓутоа изгледа малку се знае дека сите аспекти поврзани со човековите права и генерално европските вредности на недискриминација, отвореност, слобода на личноста и родова еднаквост, како основни демократски принципи, се принципи кои произлегуваат токму од религиозните вредносни системи (Деловска, 2020).
Овој факт мора непрестајно да го истакнуваме, за да можеме конечно интелектуално да созрееме и да разбереме дека религијата ги опфаќа буквално сите сегменти од човековиот живот, а не само некои, или само до одреден степен. Всушност, таа особено многу придонесува за социјалната сплотеност и кохезија во едно општество. Онаму каде што го нема ова убедување се раѓа нетолеранција меѓу личностите кои треба да живеат заедно во мултикултурната средина и се нагласува фрустрацијата од нееднаквоста наспроти рамноправноста за која зборува и се бори религијата. Во контекст на наведеното е и препораката бр. 1804 од 2007 година на Парламентарното собрание на Советот на Европа, дека: „Образованието е клучот во борбата против игноранцијата, стереотипите и неразбирањето на религиите и нивните лидери“.
Меѓутоа, во македонското општество сè уште се кршат копјата околу прашањето дали учениците во текот на основното образование треба или не треба да го запознаат не само сопствениот етичко-религиозен систем, туку и оној на другите. Не зборуваме за тоа дека во текот на образовниот процес во државните училишта на децата ќе им се наметнува да одат на богослужба во храмовите, да кажуваат молитви на час и сл., туку основната цел е да се запознаат со културата и традицијата на којашто припаѓаат. „Не може да се отфрли податокот дека кај нас религијата е на иста линија и со нашата култура, уметност и литература, развивани низ сите векови наназад. Друга култура, уметност и литература, скоро и да немаме“ (Ѓорѓевски, 2018). Следствено, нема да можеме да воспитаме и образуваме напредни генерации доколку не им овозможиме на учениците да си ја запознаат вредносната традиција.
Ова го истакна и Европа, а особено во последно време и Франција, која до скоро беше можеби единствената земја без религиско образование во државните училишта. Европа најпосле увиде дека учениците не ја разбираат доволно историјата, културата и уметноста бидејќи не ја познаваат религијата. Би сакала да потенцирам дека социјалните и културните околности во кои се развива човекот се многу посилни фактори од семејното воспитание. Во тој контекст училишната средина мора да ја одигра својата битна улога. Меѓутоа, нема да може да го постигне тоа доколку воспитната компонента, која подразбира градење на дух на соработка, еднаквост, отвореност, плуралност во размислувањата, дух на дијалог со сите различни луѓе во околината, отсуствува од македонското образование. А таа е најсилно застапена во содржините на предметот Етика во религии, кој како неопходна алатка во системот на македонското образование веќе 10 години ја фокусира својата настава на облагородување на ученикот, сфатен како потсистем на системот општество, со цел тој да послужи како противтежа на бурното секојдневие што со сите свои механизми и притисоци е насочено кон постигнување само на општествен успех.
Искрено се надеваме дека прашањето околу поголемата застапеност на Етиката во религиите во македонското образование ќе биде конечно разгледано во едно позитивно светло, без стравови и предрасуди во врска со истото. Воедно ја користиме приликата да го испратиме својот апел до надлежните институции, односно до МОН, да ја отпочнат долгоочекуваната дискусија со професорите по Етика во религии, за да би можеле тие да ги истакнат своите барања пред нив и да им бидат одговорени прашањата во поглед на тоа каде е нивното место во новиот концепт за основно образование.
Целта е да не се биде селективен, туку демократичен, да се отворат пристапи и можности за сите заедно да го прифатиме предизвикот на денешната општествена реалност, зашто само заеднички би успеале истата да ја промениме. Неопходно е да бидеме не на маргините, туку во главните текови на животот, таму каде што се создава и гради културата на една епоха. Неопходно е учењето за етиката во религиите да биде во потполност самостоен предмет, а не некаков незабележителен фрагмент кој што е непромислено интегриран во систем каде што не припаѓа.
Користена Литература: Деловска И. (2020), Односот помеѓу педагогијата и религијата, Скопје. Јовковска А. (2018), Застапеноста на христијанското образование во европските земји, во Современото христијанско образование, состојби, предизвици и очекувања, Скопје.
Каракамишева-Јовановска Т., Спасеновски А. (2018), Прирачник за правото на верските заедници и за слободата на вероисповед во Р. Македонија, КАС, Скопје. Ѓорѓевски Ѓ. (2018), пристапно на: https://bigorski.org.mk/etika/religioznata-edukacija-vo-evropskite-ucilishta/
Сестра Ефимија, коосновач и координатор на Асоцијацијата на професори по Етика во религии