Ректорот во заминување, Велимир Стојковски попладнево преку соопштение ја изрази својата загриженост од случувањата околу изборот на нов студенски лидер. Тој соопшти дека во понеденик во 8 часот е закажана вонредна седница на Ректорската управа, а од Студентскиот парламент се бара итно детално објаснување за сите околности и случувања поврзани со студентските избори.
-Длабоко сум загрижен од информациите кои беа објавени во медиумите за случувањата со студентските избори, кои беа под секое достоинство, како и употреба на полициски сили со оклопни возила во академски студентски избори. Поради тоа, упатувам апел до сите студенти, членови на СПУКМ, членови на Студентскиот пленум, членови на студентски иницијативи и други форми на организирање на студентите, за воздржаност од било какви активности кои дополнително би ја усложниле ситуацијата, што би можело да доведе до сериозни последици од повеќе аспекти, стои во соопштението од Стојковски.