Рекреативен риболовец во животозагрозувачка состојба спасен во близина на Козјак, информира ЦУК

by Fokus

Рекреативен риболовец во животозагрозувачка состојба бил спасен денес на брегот на езерото „Козјак“, информира ЦУК. Поради срцеви проблеми лицето побарало помош преку бројот за итни случаи, но поради прекин на контактот со службите имало потешкотии при лоцирање.

„Во периодот по 19.00 часот на Единствениот број за итни ситуации 112 е добиен повик од возрасно лице – рекреативен риболовец на езерото Козјак, коешто заради проблеми со срцето снеможело и било во животозагрозувачка ситуација.

Лицето, додека имало повеќе сила, успеало да прати дигитална локација, а потоа не било контактибилно. Неговата локација веќе ја имале и дежурните од Единствениот број за итни случаи 112, кога тој успеал да се јави на бројот. Неговиот телефонски број бил даден и во Итната медицинска помош, со што имало можност и лекар да комуницира со лицето за медицински совети согласно можностите и ситуацијата“, информира ЦУК.

Со брзата интервенција на Итната медицинска помош, во содејство со полицијата и со дежурните од Јавното претпријатие „Јасен“ на пунктот „Кула“, лицето било пронајдено покрај брегот на езерото „Козјак“. За време на спасувачката акција бил прекинат патот со времен режим на сообраќај, освен за медицински тимови.

„Медицинскиот тим од Итна медицинска помош на лице место го згрижил пациентот и со болничко возило се упатил прво кон Општа болница во Прилеп, а потоа, согласно медицинската проценка, со медицинско болничко возило и лекарски надѕор, било упатено кон Клиниката за кардиологија во Скопје. Според, последните информации кои се добиени во ЦУК, рекреативниот риболовец на Акумулацијата „Козјак“ е во контактибилна состојба“, додаваат од ЦУК.

 

Поврзани новости