Феникс, Лас Вегас, Денвер и Долината на смртта во Калифорнија забележаа рекордни температури додека топлотниот бран го погоди југозападниот дел на САД.
Националната метеоролошка служба во Феникс регистрираше температура на воздухот од 46 степени Целзиусови, што е еднакво на рекордот од 11 јуни 1918 година, објави АП.
Лас Вегас го израмни рекордот од 1956 година со температура од 43 степени Целзиусови.
Националната метеоролошка служба соопшти дека постои можност температурите во двата града дополнително да се зголемат.
Температурата на воздухот во Денвер достигна 38 степени Целзиусови, што е еднакво на рекордот поставен во 2013 година.
Во неколку области на Калифорнија, температурите на воздухот достигнаа високи вредности до попладневните часови, со рекорд за 11 јуни од 50 степени Целзиусови во Долината на смртта.
Издадени се предупредувања за прекумерна топлина за делови од северна Калифорнија преку Централната долина и сè до југоисточните пустини.