Заврши пријавувањето за јубилејиот, 20-ти Виз Ер Скопски маратон, кој ќе се одржи на шести октомври и на кој веќе се пријавиле над 13.000 учесници од 55 земји.
Рекордот претходно беше постигнат во 2019 година со 12.500 тркачи на тогашното издание на маратонската манифестација.
Маратонската традиција, која започна во 2004 година, со секое наредно, успешно издание прерасна во настан од меѓународен карактер, кој го промовира спортот и здравиот живот, но и убавината, гостопримливоста и енергијата на градот.
Организатор на Виз Ер Скопски Маратон е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК „Работнички“ и АК „Скопски Маратон“, додека покровители на трката се Град Скопје, Делегација на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.
– Овој 6-ти октомври учесниците ќе имаат можност да трчаат низ улиците на градот, да ги искусат предизвиците на патеката, но и да ја почувствуваат поддршката на локалните жители, кои со своето навивање го прават маратонот уште поубав.
Секој маратонец и полумаратонец на финиш ќе добие медал со мотивите од Скопје како спомен за една успешно завршена трка, додека учесниците на Штафетниот маратон добиваат медали кои симболизираат целина и тимски дух.
Скопје веќе 20 години е буден сведок на секој истрчан километар и на секој атом енергија што учесниците го вложуваат во Виз Ер Скопскиот маратон, даваат нова надеж за градот. Секој маратонски чекор за Скопје значи спортски подвиг и секоја тркачка авантура остава длабока трага во неговото спортско богатство.
Оваа маратонска магија не само што ги поврзува спортистите од различни краеви на светот, туку и го разубавува Скопје, претворајќи го во атлетска зона, во која секој е добредојден. Прославете го овој голем јубилеј и бидете дел од историјата на Виз Ер Скопски маратон, затоа што секоја трка е нова приказна, секој учесник е нов херој, а секој километар поблиску до финишот е нов успех, велат организаторите на маратонот.
Од организацијата повикуваат на масовна излезеност во раните утрински часови, и сите граѓани заедно да навиваат и да ги бодрат маратонците.
Вики Клинчарова