Цариниците синоќа на Меѓународниот аеродром „Скопје“ открија и запленија над 43 килограми златен накит, информираше денеска на прес-конференција директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
Ова, како што потенцираше, е рекордна заплена на златен накит, кој се проценува на вредност од околу 2,3 милиони евра.
„По претходни сознанија и основан сомнеж, лице со српска патна исправа кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот. Притоа, во неговиот куфер и рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски кеси, меѓу кои и накит од бело злато, до дијаманти со приложени сертификати. Лицето претходно се упатило на зелен канал и не ја пријавило стоката“ – рече Кутиров.
Лицето и накитот се привремено задржани, а се спроведува истрагата.
Во истрагата се вклучени и Секторот за контроли и истраги и Секторот за професионална одговорност на Царинската управа.