Значително зголемување на фреквенција на луѓе се бележи во текот на денешниот ден на граничниот премин Јажинце по одлуката да се поминуваат границите помеѓу Македонија и Косово без ПЦР-тест за корона вирус, информираат од тамошната полициска станица за гранички проверки. Според нивните податоци, од ноќеска на полноќ до 15 часот границата ја поминале околу 1500 лица.
-Сообраќајот и преминувањето на границата се одвива тековно и без проблеми. Денес во временскиот интервал 00:00 до 15:00 часот преку граничниот премин Јажинце за влез и за излез поминале околу 500 странски државјани и околу 1000 македонски државјани. Во периодот кога за преминување на границата требаше да се има ПЦР-тест на дневна основа поминуваа само по 15-20 луѓе, информира Жарко Трпевски, командир на граничен премин Јажинце.
По излез преку преминот Јажинце, на територија на Косово се влегува на граничниот премин Глобочица.
Од полноќ до 15.30 часот денеска пак на граничниот премин Табановце во државава влегле 2133 патници, од кои 1496 странски и 637 македонски.
Излез од државата, пак, оствариле вкупно 1589 патници од кои 816 странски и 773 македонски државјани, соопштија од МВР.
Владата синоќа ги извести граѓаните дека согласно влошувањето на состојбата со КОВИД-19 пандемијата во регионот и големиот број нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји.
Владата и здравствените власти, согласно новонастанатата епидемиолошка состојба во регионот, соопштија дека во наредните деновите ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР-тест.