Продажбата на возила во Македонија лани достигнала рекордни бројки во делот на нови автомобили, камиони и автобуси, а голем раст е забележан и кај увозот на половни возила.
Според податоците од Царинската управа, во текот на 2024 година, заклучно со 31 декември се увезени 54.651 автомобили, од кои 13.168 се нови, а 41.483 се половни.
Споредено со податоците од минатите години, лани увозот на нови возила достигнал бројки кои не се регистрирани никогаш претходно од 2009 година. Ова првенствено се должи на набавката на нови автомобили. За првпат од 2009 година кога биле увезени 10.574 нови автомобили е надмината бариерата од 10.000 возила.
Ова претставува сериозен раст во споредба со 2023 година, кога биле увезени вкупно 43.212 автомобили, од кои 9.999 нови и 33.213 половни. Растот е забележителен и кај новите возила, речиси за 30%, но и кај половните возила за нешто над 25 проценти.
Во 2022 година биле увезени 8790 нови автомобили и 23.381 половен патнички автомобил што е огромно процентуално зголемување на увозот и покрај тоа што македонските граѓани немаат никакви субвенции од државата за купување на нови, било да се бензинци, дизели или електрични возила, наспроти стари возила кои се поголеми загадувачи на животната средина.
Најлоша е состојбата со возниот парк кај автобусите, каде во 2024 година се увезени само 46 нови автобуси и дури 258 кои биле увезени како стари.
Иако се најавува во последните две години, ниту претходната, ниту оваа власт не изразиле намера да ги заострат мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани увозот на оние возила кои се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите. Големите политички партии пак, само декларативно се залагаат за намалување на штетните емисии од издувни гасови на старите возила.
Србија лани го забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии на издувни гасови, а идентичната мерка веќе ја спроведоа Албанија и Србија. Црна Гора најавува дека ќе спроведе идентична мерка – забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди кои се произведени пред 2009 година. Поради ова, постои ризик во Македонија да завршат постарите возила од соседните земји преку каналите на продажба на дилерите.
Последната измена која Владата ја направи, беше во октомври 2023 година кога беа усвоени измените на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила. Повисоките даноци при увозот владата одлучи да важат за луксузните возила, како и за оние постари возила што повеќе го загадуваат воздухот.
Образложението беше дека зголемените давачки за увоз на дел од возилата во земјава се во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови, како и усогласување со најновите ЕУ стандарди.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на регистрирани возила во 2022 година изнесувал 569.871, од кои над 483.000 се патнички автомобили со македонски регистарски таблички. Притоа, во 2022 година Скопје ја надминал бројката од 200.000 возила на улиците според бројот на издадени регистарски таблички.
Орце Костов