Велика Британија објави рекорден број нови дневни случаи на ковид-19, односно 78.610 во последните 24 часа, што е рекорден број на дневни случаи од почетокот на пандемијата.
Досега рекордот беше од 8 јануари со 68.053 случаи на дневно ниво.
Британскиот премиер Борис Џонсон одржа вонредна прес-конференција. Заедно со Џонсон беа и шефот на англиското јавно здравство, Крис Вити, и Ники Канани, директорка за примарна грижа при Националната здравствена служба.
Џонсон пред прес-конференцијата изјави дека не исклучува воведување нови мерки.
Почна со повик за засилена вакцинација со бустер-доза бидејќи, како што рече, омикрон продолжува да се шири во целата земја.
-Секој возрасен во Англија од денес може да се вакцинира со бустер-доза. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер-доза бидејќи Британија бележи рекорден број нови случаи, рече тој.
Вити рече дека Британија има многу голем пораст на случаи и дека во наредните недели ќе има нови рекорди во бројките на новозаразени.
Рече и дека инфекциите со делта и омикрон предизвикуваат две засебни епидемии посочувајќи дека бројот на смртни случаи благо се намалува, но дека тоа не се однесува на омикрон-варијантата, која штотуку пристигна во Британија.
-Вакцините обезбедуваат огромна заштита од делта-варијантата, но тие се помалку усогласени со омикрон, рече Вити.