Русија, Чешка и Словачка денеска евидентираа рекорден број случаи на корона вирус, соопштија здравствените власти во овие земји, погодени од варијантата омикрон.
Во Русија, бројот на дневни случаи се искачи на 141.883, а еден ден претходно беше 125.836. Работната група на владата регистрирала 678 смртни случаи во последните 24 часа. Сепак, руските власти денеска соопштија дека немаат намера да воведат нови мерки и покрај огромниот пораст на случаите.
– Здравствениот систем опстојува, смртноста не е поголема од периодот низ кој поминавме последните две години, рече Ана Попова, шефица на руската здравствена агенција Роспотребнадзор. – Затоа, сега не гледаме причина за воведување посебни ограничувања, рече таа во интервју за руски медиуми.
Русија има повеќе од 680.000 мртви од почетокот на пандемијата, што е еден од најлошите смртни биланси од коронавирус во светот.
Чешка вчера имаше 57.195 нови случаи, што рекорден број од почетокот на пандемијата. Чешкото Министерство за здравство регистрирало 9.775 случаи на повторна инфекција во земјата со 10,7 милиони жители. Бројот на хоспитализирани е 2653, што е многу помалку од претходните ситуации.
Во Словачка за еден ден се пријавени повеќе од 20.000 нови случаи на инфекција, по првпат од почетокот на пандемијата. Словачка, земја со 5,5 милиони жители, евидентираше 20.224 новозаразени, од кои околу 61 отсто се невакцинирани, соопшти Министерството за здравство.