Отворањето на поглавјето 35 во преговорите за членство во ЕУ ќе ја натера Србија да го признае Косово, инаку нема да има интеграција во ЕУ, вели кандидатот за претседател на Северна Македонија, Блерим Река, пренесува ТВ21.
„Потребно е нормализирање на односите помеѓу Белград и Приштина. Без нормализирање на односите, Србија не може да биде дел од ЕУ“, рече Река во изјава за приштинските медиуми.
Река додава дека размената на територии не е решение за постигнување на договор помеѓу двете земји.
„Помина еден век од непријателството помеѓу Белград и Приштина. Мислам дека Србија треба да излезе од позицијата на Милошевиќ во 90-тите и да се надмине колонијалниот менталитет спрема Косово“, рече Река.
Признавањето на Косово, според неговите зборови ќе се одложи во наредните две до три години.
Река смета дека Косово требало да го послуша советот од САД за суспендирање на данокот од 100% на стока од Србија и Босна и Херцеговина.