Најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола после речиси три години првпат работи со трите блока. Неодамна заврши монтажата на трансформаторот на третиот блок што го изработи турската компанија „Астор“, тој е приклучен на мрежа и произведува електрична енергија. Непречено работат и останатите термопостројки во земјава РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино и ЕСМ енергетика, како и останатите ветерни, хидро и фотоволтаични системи во државна сопственост со кои стопанисува АД ЕСМ.
Новиот трансформатор за Блок 3 што го изработи „Астор“ е најсовремен и има загуби од 4 до 5 отсто, за разлика од стариот каде загубите беа 11 отсто. Покрај тоа, работи на променлив напон со што има поголема заштита од евентуални надворешни влијанија поради кои дојде до пожар во стариот трансформатор во ноември 2021 година. Стариот трансформатор, пак, во моментов е на репарација во специјализирана фабрика во Белград и деновиве треба да биде готов и транспортиран во РЕК Битола. Со тоа комбинатот ќе стане единствен во регионот кој има резервен трансформатор.
-Трите блока на РЕК Битола работат со максимален капацитет, вклучен е и РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино работи со двата котли, работат когернеративните електрани на гас во Скопје – КОГЕЛ и Енергетика и сите агрегати на хидроелектрантие кои се во државна сопственост. Со сите капацитети на АД ЕСМ приклучени на мрежа дневното производство се доближува до 20.000 мегават часови електрична енергија. Тоа е приближно на производството кое беше во најдобрите времиња на РЕК Битола и на ЕСМ кога имаше повеќе капацитети за ископ на јаглен и поквалитетен јаглен и кога постројките беа понови, оцени генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.